Работа што исполнува на секое поле

Ивана Печалева е битолчанка, која сака бои, разновидност, живост, активност, дејствување... Таа е полиглот – зборува француски, германски, шпански и англиски јазик, го има изучувано и албаскиот, а сака да научи и грчки и јапонски. Иновативна, полна со идеи и позитивна енергија, или како што на битолски би се кажало: умот ѝ работи 300 на сат. Ивана е дел од тимот на Balkan Prime Tours, чија што аспирација постојано е еден чекор повеќе.

Ја гледаме големата слика и сакаме да создадеме можности и опции за сите што сакаат да работат чесно и искрено, со полно срце да споделат со нас парче и трошка енергија, кои ќе се вклопат во целиот мозаик, вели таа.

 

Утре е нов ден за нешто ново да се научи

 

Ивана веќе девет години е во Скопје, откако се запишала на студиите на Филолошкиот факултет (насока Преведување и толкување, француски и германски јазик). Уште од мала има афинитети кон јазиците, а по природа е многу темпераментна, дури и хиперактивна:

Сакам да правам повеќе работи, но не само површно, туку можам да кажам дека сум тежок перфекционист. Од мала имав повеќе активности – одев на танц, јазици, глума, модни ревии, спортски активности... До прва година средно играв и фудбал.

 

 

Во Битола живее во дворот на т.н. Горна гимназија, (Јосип Броз Тито), каде што деноноќно се играло фудбал. Во маалото само таа била женско и била вистинска машкуданка:

Речиси и немав играчки за девојчиња... Пораснав со машки и игри за момчиња. Но, среќна сум поради тоа, бидејќи многу научив! Знаете, едно дете треба од секаде да впива – најпрвин да има домашно воспитување, кое ми го овозможија моите прекрасни родители Сандра и Тони и ме научија на вистинските вредности во животот. Потоа патот самиот си го трасираш, учиш од училиште и од улица, градиш еден мозаик што ти помага во понатамошното растење и развивање...

 

 

По предлог од мајка ѝ, Ивана се запишала на курс по француски јазик во Француската алијанса во Битола. Почнала како најмала во групата, но многу бргу била префрлена во понапредна група:

Почнавме да подготвуваме театарска претстава и нормално, се истепав за да глумам, обожавам глума!

Со таа претстава биле на гостување во Франција, сместени во семејствата на деца од училиштето. Тоа за Ивана е едно прекрасно искуство, кое никогаш нема да го заборави:

На 9 ипол години, пуштена сама, без мама и тато, во малото место Сан Дизје на 2 ипол часа од Париз... Вистинска авантура! Да ги видите само сликите во автобус како најмалото, јас, ги забавува сите. Женските чекаа ред да ги шминкам, а после играв ракомет со машките... го избудаливме човекот што нè возеше…

Во Сан Дизје Ивана била главна ѕвезда – претставата одлично поминала, но дружењето било тоа што ѝ оставило најголем впечаток.

Во тие 10 дена, дури си најдов и симпатија... Секоја вечер пред легнување, ќе си повторев малку граматика, малку фрази, ќе се прекрстев и ќе си речев: Ивана, утре е нов ден и имаш уште многу да учиш…

 

 

По ова прекрасно патување и дружење, таа уште повеќе го засакала францускиот јазик. За еден Божиќ, побарала француско-македонски речник од дедо ѝ и баба ѝ, што во тоа време бил реткост. Откако желбата ѝ била исполнета, таа почнала да го учи зборче по зборче, со надеж дека ако го научи целиот речник, ќе го совлада и францускиот јазик.

Од шесто одделение почнала да учи и германски јазик, кој бил задолжителен на училиште. Во средно се определила на јазична насока, каде учела англиски, француски, германски и латински. Следува изборот на факултетско образование.

Отсекогаш сакав да студирам во Франција, но во тоа време немаше услови. Втората опција ми беше Солун во Грција, но на крај се одлучив за Скопје. На факултет имавме оформено посебна трупа за глума и секоја година доаѓаше режисер од Белгија да нè подготвува и подучува како да стоиме на сцена, како да ја гледаме публиката, гласот да не биде многу тивок, но и ни премногу гласен…

 Освен подготовка на претстави, пишување на француски јазик и делење на улогите, на работилниците се случувале и прекрасни дружби и разновидни активности:

Четири години присуствувавме на различни фестивали во странство, патувавме и се запознававме со многу интересни луѓе, култури, традиции и обичаи. Сè повеќе се заљубував во изучувањето странски јазици и во патувањата.

Освен театарската трупа „Les artcooliques“ во факултетски денови, Ивана од втора година почнала и да предава и држи приватни часови по германски, француски и по шпански јазик.

Ја обожавав таа работа – чувството кога гледаш како едно мало дете „впива како сунѓер“, сака да го научи јазикот... Па уште и кога ќе употреби некоја моја асоцијација за подобро да запамети некој збор или фраза...

 

 

Продолжила сè поактивно да држи часови низ Скопје во различни општини. Дури и некои од возачите на автобуси веќе ја препознавале и застанувале кога трчала да стигне некој автобус:

Излегувам од факултет, секогаш дотерана – не за џабе сум од Битола, на штикли со нормална височина за дење и со една голема чанта со триста книги внатре – некои од факултет, други за проватните часови. Неуморно до 23 часот држев часови, паузи не практикував, единствена пауза ми беше патот од едно до друго место. И нормално, вечерта некогаш ќе излезев со друштво на по една пијачка.

Во целата таа плејада на креативни часови, држење час во парк со пренослива табла, подготвување театарски претстави на различни јазици, снимање видеа и сл., Ивана учествувала и на неколку натпревари и спортски трки, на кои секогаш освојувала едно од првите 3 места. Прва во трката на штикли на Широк Сокак во Битола, прва на државниот натпревар ,,Dis-moi dix mots qui te racontent“ за есеј на темата „Човекот е роден слободен, но насекаде е во окови“...

Е тоа е моето хоби! Сè што ќе направам, сакам да го направам перфектно, а со тоа да мотивирам и други луѓе, да ги инспирирам да не бидат мрзеливи, да бидат активни и полни со идеи и љубов. И најважното – тоа што го учат, да не го држат само за себе, туку да го споделуваат! Сакам да цртам, да креирам и да дизајнирам облека, да правам рачни изработки со монистра, да преработувам стари работи, да организирам забави, да гледам весели луѓе... Сакам музика, да танцувам, да играм и да пеам, да спортувам, да готвам – да правам и да измислувам нови специјалитети, да декорирам куќи, да пишувам, да разговарам со луѓе и да споделувам искуства, да помогнам таму каде што можам... Сакам сонце, плажа и море, да пливам и да патувам низ светот...

 

Во семејството на Balkan Prime Tours

 

Додека студирала Ивана трипати била во Франција, на Корзика, на сезонска работа како бебиситерка „Jeune fille au pair“. Освен што подобро го научила јазикот, ова искуство ѝ овозможило и да научи како да се справуви со голема одговорност и предизвик во животот.

Не е мала работа на 20 години да чуваш деца од 2 и од 4 години, истакнува таа. Додава дека уште е во контакт со тоа семејство, мадам Муриел и мсје Сезар, и со нејзините „ле пети монстр“. Дури и ги поканила и мотивирала да дојдат во Македонија за роденденот на помалото дете:

Ние тука сè им организиравме – градинка, играчки, торта и мафини – роденден невиден! Игри без граници!

Додека истовремено со факултетот, држела приватни часови и навечер преведувала и работела во биро за преведување, едно лето, размислувала дали да замине на факултет на Корзика и да работи или да најде друга работа тука, во Скопје.

 

 

И нормално тоа го споделив со моите другарки, кога еден ден Сања ми се јавува и ми вика: Иванче, една туристичка агенција бара човек со француски јазик. Се замислив... Сакам да патувам, но и да ги зборувам јазиците што ги зборувам, и едната и другата опција изгледаа дека ми го нудат истото. Работата во туристичката агенција беше веќе тука, а за другата, требаше да направам голем чекор. Не се плашев, си реков – ајде, кога веќе сум тука, да пробам, да отидам на интервју.

Сања ѝ го дала на Ивана бројот од Влатко и се договориле за интервјуто. Денот бил убав и сончев, а Ивана дотерана и се разбира, на штикли. Ивана влегла во канцеларијата насмеана до уши.

Најпрвин, ја видов Светле, до неа мислам беше и Еци. Ги поздравив и влегов во канцеларија кај Влатко, а тој – смирен, позитивен, насмеан и многу културен. Тој веќе имаше некоја информација за мене, бидејќи всушност дојдов по препорака од професор од Економскиот факултет. Во тоа време другарка ми Сања почна да работи како асистент на факултетот и ме препорача кај нејзиниот професор, а тој пак, и не познавајќи ме, ме препорачал кај Влатко, раскажува Ивана.

Тогаш на Влатко му бил потребен стриктно човек со француски, бидејќи веќе почнал да ја разгледува можноста и големиот потенцијал за ширење на бизнисот и на други пазари, освен италијанскиот. Откако Ивана на Влатко му ја раскажала кратката биографија и дека покрај француски, зборува и германски и шпански, моментот што следувал бил и мил и смешен.

Искрено, немав поим каде влегувам. Тоа што го работиме во Balkan Prime Tours, нема врска со сликата што ја имав за туристичка агенција, а уште помалку пак немав никаква идеја што наумил Влатко. Како што сум отворена, му кажувам дека приватно држам часови, уште студирам и три дена во неделата работам во биро за преведување. Влатко, разумен и сталожен човек, најсмирено ми вика тоа не е никаков проблем...

Ивана признава дека досега ова било нејзиното „најлабаво“ интервју за работа. Првиот ден дошла на работа во 11:20 во јули и ја начекала целата екипа на Balkan Prime Tours како се спремаат да одат на чорба. Вториот ден исто... „На чорба“ таа имала можност да ги запознае сите во екипата.

Третиот ден иди Влатко, ми дава едно книгулче од 300 страници и ми вика таму да побарам француски агенции и туроператори. Туроператор? Што е пак сега тоа? И отворив на интернет да читам, да се информирам, да се обучам каде работам, што работам, да ја научам прво на македонски таа терминологија на туризмот, да сфатам дека туризмот не е само синоним за одење на одмор, дека има и друга бранша. Што е B2C, а што B2B...

Тоа за Ивана било ново доживување, како кога на мало дете ќе му се даде некоја нова, интересна играчка да ја проучува... Но, благодарение на белешките во тефтерот, таа почнала да ја совладува и оваа бранша.

Доаѓал септември и за Ивана првиот саем за туризам во Париз, „Топ Реса“, на кој Влатко се подготвувал за учество и каде што, нормално, требало да се сретне со потенцијални партнери.

Најпрвин ги издвоив агенциите, туроператорите од книгата што ми ја даде Влатко, а потоа почнав да пребарувам и на интернет. Најдов неколку, направив листа и дојде моментот кога требаше да ги контактирам тие луѓе… По природа не сум срамежлива, но тука, во главата ми се појавија еден куп прашања, на кои немам одговор… Што ако ме прашаат ова или она, што ќе им кажам? Еден ден потрошив на истражување и читање за тоа како треба да се однесувам на телефон, како да ги заинтересирам луѓето, а да не ми исклучат телефон, како да звучам самоуверено, да ја пренесам точната информација и да стигнам до целта – а тоа е да закажам состанок!

Ивана направила концепт и почнала да ѕвони. Ѝ помогнале и ја насочувале што и како да зборува Влатко и еден пријател од Франција. Неколкудневните јавувања завршиле со успешно закажани состаноци на штандот на „Топ Реса“.

Почнала да преведува и програми на француски, и на тој начин да учи како се прави план на патување, програма, колку дена, од каде да почнува и каде да завршува, што да биде вклучено, цени итн.

Искрено, многу сум среќна што имав и имам таков учител во работата, но и во животот, каков што е Влатко. Тој успева на толку успешно суптилен и незабележлив начин, да ме фрли в оган. Ха, ха…

 

 

Ивана секојдневно се потсетува на зборовите од Влатко:

Сè ќе си дојде во свое време, туризмот не е од денес за утре... Ништо квалитетно не може да се случи преку ноќ... Од една страна трпеливост, сталоженост, смиреност и спокој, а од друга, вложениот труд секогаш се исплаќа, особено кога нешто се прави со љубов и во кое се внесуваш целосно.

Нејзе воопшто не ѝ е допаѓа фразата: по секоја цена. Напротив, Ивана им верува на зборовите од Влатко дека некои луѓе поминуваат по краткиот пат и тоа им успева, но некои мора да поминат по подолгиот пат со повеќе пречки. Тие ќе имаат повеќе падови, но тоа ќе ги направи посилни и поистрајни.

Сега ги советувам колешките дека не треба никогаш да се откажуваме, не треба да сме здодевни ни напорни, туку упорни и истрајни, достојни до нашата цел!

Таа постепено секојдневно учела, иако на почетокот била целосно збунета и не знаела дали само да преведува програми или да наоѓа и контакти... Сепак, сè си доаѓа на свое место...

На почеток не работев калкулации, тоа се тие работи што треба да ги научиме сите кога сакаме да дадеме цени на клиентот. Тоа го научив многу повеќе слушајќи го Влатко, како зборува и комуницира со нашите партнери, сервисери, доставувачи, хотелиери, бус-оператори, менаџери на ресторани и винарници, пријатели...

Буквално сите тројца, Влатко, Светле и Ивана, секој со својот карактер го оформиле семејството Balkan Prime Tours. Работеле сè што е потребно за да стигнат до повеќе пазари, не само до италијанскиот, туку и до францускиот (па и на целото француско јазично подрачје), германскиот, шпанскиот...

Откако научивме подготвување програми, со Светле полагавме за туристички водичи и туристички придружници. Искрено, најмногу се учи кога си на терен. Поинаку е да ги сретнеш странските посетители, да ги водиш и да им раскажуваш за твојата земја на секое поле. Едноставно, се поврзуваш со луѓето, им ја пренесуваш твојата позитивна енергија, сликата за нашата земја и ги гледаш како се интересираат и сакаат да научат нешто. Сите тие се учени луѓе што патувале низ светот. Оттука е и тој мал почетнички страв, кога учиш за туристички водич, без искуство. Но, верувајте, сето тоа поминува ако се претставите добро – очите не лажат, се гледа чистотата, искреноста и желбата за учење, а тоа секој го цени.

Според Ивана, тоа е и најголемиот сувенир што гостите можат да го добијат. Така постапуваат и сите од Balkan Prime Tours – со чисто срце.

Од дневни, турите потоа се зголемувале на викенд, на 4-5 дена, па на 7-8, по кои следувале и балканските тури. Ивана била дел од повеќе балкански тури, но нема да ја заборави првата како водич акомпањатор со група од 25 Французи, кога посетиле 7 држави.

Штотуку станав водич, па сега и сама на тура… Во различни држави имавме и различни локални водичи. Потребни се многу учење, читање литература, општо знаење што се случува денес, но и во минатото. На секое поле да си спремен да одговориш. Тоа беше голем предизвик за мене. Од таа балканска тура можам да кажам дека најмногу научив за нашата работа. Како е да водиш голема група, се среќаваш со различни луѓе, карактери, желби, менталитет, однесувања, премин на граници, сместување во хотели, различни менија... Исто така треба да знаеш и да раскажуваш, да ги забавуваш додека патувате… На таква тура, водичот што ги придружува е буквално сè – и водич, и бебиситер, и аниматор, и исполнувач на желби, и модератор… Но, токму тоа е тоа што го сакам и што ми го овозможува оваа работа. Исполнетост на секое поле!

 

 

Бесконечна палета на можности

 

Вообичаениот работен ден во семејството на Balkan Prime Tours почнува во 8 ипол часот, кога сите вработени се собираат на кафе, чај или појадок во канцеларијата кај Влатко. Секој раскажува како си поминал викендот и сите издвојуваат по нешто што им оставило впечаток. Влатко задолжително споделува некоја книга што ја прочитал во текот на викендот и поука што ја издвоил и така се надоврзуваат другите муабети. Разговорот полека преминува кон работата и сите посочуваат одредени идеи, секој споделува што мисли, на што сите се надоврзуваат.

Секој ден е различен, не можам да кажам како тече и како завршува. Можам само да кажам како почнува – сите се насмеани, расположени и полни со елан за новата работна недела. Некогаш кога сме во сезона, средбите се пократки, но секогаш имаме време да одвоиме за нас и да се видиме. И што е најважно, сите се познаваме веќе уште кога ќе се погледнеме, ако нешто некому не му е погодено или имал тежок ден – не почнуваме со работа додека не го решиме проблемот!

Понекогаш деновите течат нормално – се подготвуваат неколку програми, во зависност од клиентот, се контактира, советува, се прават калкулации... Се споделуваат информации за цени на хотели, менија на ресторани, водичи, бусери…

Некогаш нè посетуваат нашите водичи, бусери и пријатели. Тоа е скапоцено време, убаво е да се видиме и да разговараме за во иднина, од секој можеме да научиме по нешто… Некогаш некој од нас излегува на терен, да води група, или да помогне за некоја друга работа. Буквално, нашата работа е мултиактивна и интерактивна, со бесконечна палета на можности.

А, случки има безброј, особено на промоција или на роуд-шоу. Тоа се тие патувања што Ивана најмногу ги сака. Промоцијата во странство значи и анализа, контактирање потенцијални партнери и средби со нив, без разлика дали се во град, село, на езеро, на море или на планина.

Сосема различна е промоцијата на саем за туризам и имаш штанд, каде што ги пречекуваш гостите или одиш на друг штанд, а друга работа е кога треба да ја најдеш точната адреса на бирото, па да најдеш паркинг и да стигнеш навреме на состанок.

 

 

 

Ивана додава дека сега нема да раскажува за случки, но тие детално ќе бидат опишани во книгата, која веројатно ќе биде во неколку тома (ха,ха...). Засега таа може да открие само неколку детали:

Сме имале состаноци во 8 часот сабајле, а се наоѓаме во Словенија и треба да стигнеме до Австрија.... Сме правеле пауза на паркинг за автобуси, појадувале и ручале во рентакар... Влатко врти со колата оти не може да најди паркинг-место, а јас трчам да ја најдам зградата во која е канцеларијата за да стигнам на состанок, па сум го заборавила подарокот за клиентот, па пак назад, Влатко трча да ми го подаде... Нема да заборавам кога по напорниот ден, по 10 состаноци во 23 часот се сместуваме во е-хотел, патешествија додека да најдеме начин како да платиме, па да се сместиме... Или пак, кога Влатко мислеше дека не ја купил картата за назад од Белгија...

Таа едноставно ја обожава работата и ги сака сите во семејството на Balkan Prime Tours, такви какви што се – отворени и весели, секој со својот придонес за развојот во секоја секунда, минута, час или ден.

Учиме секој од секого, се надополнуваме и се почитуваме бескрајно, се залагаме за големата слика… Не работиме само за нас, туку за сите околу нас да бидат среќни и исполнети. Буквално сме како епидемија – можеби зборот е лош, токму во ова време (на вирусот корона), но не застануваме, активни сме и секојдневно размислуваме како да ги анимираме нашите партнери и да не дозволиме да западнеме во криза.

 

 

И во овие времиња, членовите на семејството на Balkan Prime Tours работат и се покреативни, бараат нови контакти, ги поздравуваат партнерите со мотивирачки видеа, отвораат нова бранша, со нови премиум продукти... Најмногу сакам што сме такви какви што сме! Едноставно, не запираме и не се откажуваме, тука сме да ги поддржиме нашите најблиски и да креираме, да ги лансираме нашите идеи, истакнува Ивана.

За крај таа открива дека лично, има многу планови за во иднина. Дел од нив се двата поголеми проекти, кои се спојуваат со целта на Balkan Prime Tours, кои ќе бидат дополнителна вредност на дејноста. А, трета е книгата, во која Ивана ќе зборува за промоцијата и за бесконечната палета на можности во животот, за нејзината работа во Balkan Prime Tours. Сакам и да доучам албански, грчки и јапонски, заклучува таа.