Постои едно место во Македонија што ги спојува духовноста, историјата и природната убавина, а истовремено и зрачи со спокојство. Тоа место е недоволно откриено и некомерцијално. Тоа место се македонските Метеори (карпи во воздухот), кои се чини како со врвовите да го допираат небото. Затоа, не е ни чудно што во минатото токму овие карпи монасите ги избрале за да се молат, самуваат и да тихуваат. Тоа место е манастирскиот комплекс Зрзе, речиси на 1.000 метри надморска височина, на јужните падини на планината Даутица.
Зрзески манастир (се среќава и како Зрзенски манастир, Зрзевски манастир или „Св. Спас“) е лоциран на 34 километри северозападно од Прилеп, во близина на селото Зрзе. Легендата за потеклото на името на Зрзе, доаѓа од зрзорењето на реката Бојаник, по што и селото го добива името. До манастирот, тој непроценлив бисер од македонската културно-историска ризница, може да се стигне по асфалтен пат, кој поминува низ прилепските села Ропотово, Пешталево и Костинци кон селото Слепче.
Патот до манастирот, истовремено е патешествие низ историското и низ вонвременското. Недопрената природа ги гали сите сетила и ги допира најдлабоките чувства. Опојните мириси на жалфија и на мајчина душица, придружени со мирисот од неколку вековните ореови дрвја, црцорот на птиците и зрзорот на реката, овозможуваат доживување што го надминува вообичаеното искуство по патеката, која најверојатно е истата од доцниот антички период во времето на свети Климент Охридски.
Дел од историјата
Манастирскиот комплекс во минатото бил на многу поголема површина отколку денес (7.000 квадратни метри). Иако до неодамна се веруваше дека манастирот е од 14 век, резултатите од археолошките истражувања од 2008 година покажаа дека почетокот на зрзеското монаштво датира од 9 век. Од тој период е монашката населба на испоснички ќелии, издлабени во вертикалниот засек на бигорната карпа, на северната, источната и на јужната граница на манастирскиот комплекс.
Во времето на свети Климент Охридски, втора половина од 9 век, монасите ја населуваат зрзеската бигорна карпа, исполнувајќи ја со духовност. Ја подготвиле за свој дом, правејќи живеалишта во склад на природните форми и грижејќи се да не го нарушат релјефот. Се издвојуваат 7 рамништа со повеќе од 30 градителски облици – базилики, тихувалишта, ќелии, работилници, јами... Во непосредна близина на манастирот е пронајдена и базилика од 5 век и гроб на светител од 4 век.
Над древната монашка населба, во средината на 14 век, во времето на цар Душан (1345-1355 година), монахот Герман подигнал општежитие со црква, посветени на празникот на исихастите, „Свето Преображение Христово“.
Зборот „исихија“ буквално значи „мир“, „мирување“, „тишина“, но, во православјето има многу подлабока смисла. Го означува постојаниот стремеж на човекот кон спокојството. Како што „мирното море“ не е под површината на морето туку во неговата длабочина, така и внатрешниот мир на човекот е длабоко во него. Преображение Христово или Преображение Господово е христијански празник, кој се слави секоја година на 19 август, односно на 6 август според Јулијанскиот календар. Според преданието, за да не ослаби верата на апостолите по Христовото страдање и смрт, Исус сакал да им покаже барем дел од својата божествена слава. Затоа, тој со Петар, Јаков и Јован излегол ноќе на гората Тавор и таму се преобразил, заповедајќи им да не зборуваат за тоа што го виделе, сè додека не воскресне.
По смртта на Герман, неговите внуци – митрополитот пелагониски Јован и зрзескиот јеромонах Макариј, го преземаат управувањето со манастирот. Тие, и двајцата зографи, се творци на најзначајните дела на Зрзеската иконописна школа. Јован е творецот на иконата „Христос спасител и жизнодавец“ (1391 година), а Макариј на чудотворната икона „Богородица Пелагонитиса“ (1422 година). Двете икони се изработени во византиски стил и се исклучително вредни.
Со потпаѓањето под отоманска власт, браќата му го препуштиле манастирот на кметот Константин и на неговите синови Јаков, Калојан и Димитар. По смртта на кметот и неговите синови манастирот почнал да пропаѓа, па на почетокот од 16 век имал големи оштетувања, а биле урнати и сводовите на црквата. Првобитната црква била обновена околу 1535 година, кога дошло и до ново зографисување.
Низ вековите манастирот поминал низ бројни предизвици – бил опожаруван, разурнуван и граден, ограбуван и возобновуван. Се менувале годините на сиромаштија и благосостојба, на војна и мир, но со грижливоста на непокорните селани и монаси тој секогаш опстојувал.
Од 1998 година, со вжителувањето на монашката заедница, манастирот Зрзе се возобновува во општожителен машки манастир. На почетокот на 21 век, третпат во својата историја, Зрзе станува епископско седиште, овој пат на епископот Климент Хераклејски, секретар на Светиот архиерејски Синод на Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Иконописната работилница, во која монасите изработуваат фрески и икони во традиционалната техника со позлата од 24-каратно злато и природни бои, ја продолжува вековната традиција.
Последното обновување на манастирот е завршено во февруари 2015 година. Тогаш е обновен манастирскиот конак, а обновени се и маѓерницата, кулата до влезната порта, североисточниот бедем и горната порта.
Дел од преданијата
Иконите „Христос спасител и жизнодавец“ и „Богородица Пелагонитиса“ се антологиски и бесценети поради уметничкото, националното, историското и духовното значење. Оригиналот на најпознатата икона од Зрзе, Пресвета Богородица од Пелагонија, денес се чува во Музејот на Македонија во Скопје, но голем примерок има и во манастирската црква.
Карактеристично за овие икони е тоа што нивната положба е спротивна од положбата на иконите на Исус и Богородица во другите христијански цркви и манастири. Во манастирската црква иконата на Богородица е од десната страна, а иконата на Исус е од левата. Имено, иконите трипати по ред биле поставувани од монасите според каноните на православието, но преку ноќ самите го менувале местото. По три дена и три ноќи кога игуменот ја прашал иконата зошто го менува местото, усните на Богородица се помрднале, и таа одговорила: Не сакам да му вртам грб на мојот син, затоа и го менувам канонското место.
Меѓу бројните легенди за Зрзе е и таа дека кралевите Волкашин и Марко биле венчани во овој манастир. Некогаш овој манастир бил окружен со заштитни ѕидови. Камењата од ѕидот во 1930 година биле употребени за градење на манастирските конаци. Некои истражувачи наведуваат дека во манастирот во Зрзе постои „кула на кралот Волкашин“.
Дел од спокојот
Денес, манастирската целина ги вклучува црквите „Свето Преображение“ и „Св. Петар и Павле“, а како нејзин метох (манастирски имот) е и црквата „Св. Никола“ во селото Зрзе.
Црквата „Свето Преображение“ била изградена во 14 век, а фрескописот во внатрешноста датира од 16 и 19 век. Таа претставува засводена еднокорабна црква со полукружен свод и полукружна внатрешна апсида.
„Св. Петар и Павле“ била изградена во 17 век и доградена во 19 век. Во внатрешноста на црквата има фреска, на која е претставен овчар во народна носија. Овој храм е познат и како Овчарска црква, токму во чест на овчарчето што загинало бранејќи го манастирот од злосторниците кои сакале да го уништат.
Манастирското ѕвоно се наоѓа во средишниот дел на комплексот, во близина на црквата „Св. Петар и Павле“. Тоа е прикачено на бела мермерна рамка, која се издигнува над еден од манастирските ѕидови.
Црквата „Св. Никола“ во селото Зрзе е метох на Зрзескиот манастир. На северната страна од градбата е откриена фреско-икона на Богородица Одигитрија, насликана од зографот Драгослав во 1368/1369 година. Црквата е сместена на крајниот северозападен дел од селото, на левата страна од патот што продолжува до манастирот.
Поради локацијата на Зрзескиот манастир на голема бигорна карпа од која се гледа целата долина, монасите најчесто го забележуваат доаѓањето на посетителите. Со голема љубезност и гостомпримство, тие најчесто ги пречекуваат гостите дури и пред да пристигнат пред големата порта на комплексот. Во зависност од желбата на посетителот, домаќините може да го остават да тихува и да ужива во спокојот или пак да го прошетаат низ манастирот, раскажувајќи ги необичните преданија и одгатнувајќи ги нивните значења.
Под падините на Даутица трае и се развива монашкиот подвиг на братството, кое денес вредно иконописува создавајќи наследство за идните генерации.
За крај, дел од еден прекрасен цитат од атонскиот светец Порфириј Кавсокаливит: Искористете ги убавите мигови. Тие ја носат душата кон молитва, ја прават нежна, благородна и поетска... Кога ќе ве воодушеви некој прекрасен предел, некоја црквичка, нешто убаво, не останувајте само на тоа, туку одете понатаму... На сè радувајте се. Тоа нè прави побогати и нè води кон големата Љубов, кон Христос.