Доаѓаат многу топли денови кои ќе ги посветиме на малите нешта, ама ептен на малите нешта. На пример, ќе сакаме да го посетиме малиот град Берат кој за нас е вистински рај во централна Албанија. Град со богата историја, култура и добра храна и вино.
Берат е сместен на падините на планината Томор и на брегот на реката Осум. Самиот град е формиран од две тврдини од двете страни на реката. Градот е една од најстарите населби во Албанија, со траги на живот кој датираат од 2600 до 1800 година пред нашата ера.
За историјата има многу што да се раскажува, а за да се научи повеќе, наш искрен совет е да се посети градот. За да се посети, мора да има причина која би ве примамила да појдете до таму.
Причината поради која можеби ќе посакате да го посетите ова место е нашата приказна за господинот Пелумб Бербери кој со задоволство прифати да ги сподели со нас неговите животни соништа.
Бербери е основач на хотелот Белагрита и винаријата Луани кои задолжително треба да бидат на вашата листа како места за посета. Бербери како млад имал огромна желба и страст да ги промовира вредностите на неговиот роден град, Берат.
Тој ни раскажува како во далечната 1993 година заедно со неговите браќа ја преземаат работата на тогашната најголема винарија во Албанија основана во 1960-та. Винарската визба во тоа време го добива името „Луани“ или во превод „Лав“ во чест на еден од браќата.
Со тек на време неговата винарска визба прераснува во водечки производител на квалитетно вино, кое со тек на време започнува да се извезува во САД.
Тој вели дека нивниот производствен капацитет достигнал до 5 милиони литри вино, што ги прави најголеми производители во Албанија, со просечна продажба од 1 милион шишиња годишно.
По скоро 6 години посветена работа , тој го отвара хотелот Белагрита за туристи од целиот свет. Бербери вели дека хотелот ги има највисоките стандарди се со цел да им понуди квалитетен престој на гостите.
Овој хотел е изграден во склоп на винаријата Луани, а на нашето прашање до него зошто баш името „Белагрита“ добивме одговор дека тоа е едно од најстарите имиња што го имал градот Берат, кој во превод значи убав град.
Една од причините да се изгради овој хотел била да се зајакне промоцијата на најдобирте вредности на Берат и Албанија.
Бербери вели дека не верува да остане само на овие проекти. Во иднина сака да инвестира во разни сфери на туризмот. Ни потенцираше дека винарската кантина мора да продолжи и дека во иднина ќе му даде до значење на агротуризмот.
Се согласивме дека работата во туризам има свои предности и недостатоци. Кога туризмот ги живее убавите денови сите се среќни и задоволни. Патниците од една страна и туристичките работници исполнети со задоволството на патниците од друга страна.
Бербери не изостави да ги спомене нашите пријателства, добрата комуникација со Балкан Приме Турс, што е доказ дека туризмот е мост кој ги спојува сите балкански народи.
Шетајќи се низ приказната која ни ја раскажа за неговото работење, не потсети на нашето пријателство. За него е богатство што познава луѓе како Влатко, Ивана, Марија и Ангела. Најважен сегмент во туризмот е да се има високи вредност, професионалност, комуникација, и како што вели првиот човек на Белагрита, човечност.
Берат уште се нарекува и градот на илјада прозорци. Во него се наоѓаат 40 византиски цркви и 30 џамии. Тој се смета за најжешкиот град во Албанија па поради пријатната клима, тука се одгледува исклучително вкусен и квалитетен зеленчук, овошје и грозје. Маслинките од Бератскиот регион се многу популарна и задолжителна содржина на традиционалните јадења,а ладно цедено маслиново масло од Берат се извезува во целиот свет.