Запознајте го Рашо: Човекот кој развива еко туризам во Црна Гора на дива плажа

Целта на нашето постоење не би била исполнета доколку не ги опфатиме сите балканци кои вложуваат труд за да привлечат туристи од цел свет. Луѓето кои создаваат туризмот низ филтерот на нивната смила за живеење за нас се херои кои ќе останат запаметени по својот белег во сопствената земја. 

Денеска се селиме во Црна Гора. Земја која е исто така слабо истражана од туристите. Богата со многу растителен и животински свет, квалитетна храна, традиција и многу неоткриени диви плажи. 

 


Еден од нашите херои кои живеат на црногорското поднебје е Рашо. Човекот кој на свои 64 години е прав промотор на Скадарското езеро. Човек кој живее за да гради туризам, да организира тури со брод и да ја нуди најздравата локална храна на своите гости. 
Рашо е роден во Вирпазар, општина Бар. Уште како мал му помага на неговиот татко кој во тоа време се бавел со туризмот на Скадарското езеро. Рашо вели дека занаетот го наследил од својот татко, кој денеска има 97 години и се уште му дава совети од лично искуство. 

 


Доколку погледнете на мапата ќе забележите дека ова е најголемото езеро кое Црна Гора го дели заедно со Албанија. Езерото има фантастично крајбрежје, преполно со диви песочни плажи. На едно до тие плажи веднаш под селото Годиње се наоѓа ресторанот Пјешачач. Едно од нашите омилени туристички скривалишта во Црна Гора. Изграден во Етно медитерански стил, со макотрпна работа која барала долгорочно чистење на брегот за изградба на пристаниште кое во тоа време било наменето за брод кој ќе доставува вода. 

 


Пристаништето денеска служи за паркирање на бродчиња наменети за превоз на туристи, а околу него има уредена песочна плажа. Кога пристигнувате на пристаништето веднаш ќе забележите широки камени скали кои водат до шест панорамски тераси распоредени на неколку нивоа. Терасите се прекрасни преку лето. На нив има поставено факели кои ноќе ви прават прекрасен амбиент. 
Рашо вели дека за сето ова им била потребна огромна љубов кон езерото и кон туристите. Се започнало со изградба на мала тераса на осамена плажа далеку од метежот, каде тој ќе може да има спокој. Со тек на време, пријателите на Рашо започнале да се заљубуваат во ова место и да го препорачуваат на сите оние кои бараат романтика и мир. 
Денеска, Рашо има изградено подземна таверна и визба за вино, кујна и три апартмани за престој со поглед кон островот Грможур.
Има изградено шест отворени тераси на самото езерото на кои се служи  специјалитети од риба, а каде може да дегустирате и органско пиво одгледувано во околните села.

 


Своите убави денови „Плажата Пјешачач“ ги доживува кога фондацијата Рокфелер дознава за нив. По посетата тие се одлучиле финансиски да му помогнат на местото, да одвојат паричен фонд за заштита на езерото, да помогнат во снабдувањето со струја се со цел да ја задржи истата  хармонија.
Денес, до ова место може да се пристигне со брод кој е во сопственост на ресторанот, а со кој на туристите им се организираат тури околу крајбрежјето се со цел да се запознаат со дивиот животински и езерски свет, растенијата и историјата на локалитетите кои се наоѓаат покрај езерото.
До ресторанот нема пристап за автомобили, тој е опколен со природа. Пробиена е само една мала пешачка патека која води до наблискиот асфалтен пат. Овде доминира дрвото и каменот, а кованото железо и декорациите се сведоци на животот од минатиот век. 

 


 Рашо вели дека е горд на фактот дека ова место го посетиле огромен број на туристи пред пандемијата. Вели дека сите државни функционери на Црна Гора, почнувајќи од претседателот на државата па се до министрите се дел од списокот на гости. Среќен е што како гостин го дочекал и рускиот премиер Примаков, шпанските принцеси со нивните семејства, амбасадорите на скоро сите земји во Црна Гора и многу други познати личности. 
На ова место се снимени два филма и неколку музички видеозаписи. Местото стана препознатливо по неговата локална и здрава храна, локалното вино, недопрената природа и дивина. 

 


Домаќинот вели дека сите кои имале можност се вратиле повторно и се надева дека тоа ќе продолжи да биде така, како со нови гости така и со тие кои редовно ги посетуваат. Преку смеа вели дека коронависурот „Ковид-19“ го преболеле и дека ја примиле вакцината.
Езерото Скадар е прекрасна комбинација на флора, фауна, архитектура, гастрономија и традиција. Добра можност за сите туристи кои сакаат да искусат спортови на вода, лов и риболов, фото сафари, тури со посети на манастири, острови и рибарски села.
Црногорскиот дел од езерото и крајбрежјето се прогласени за Национален парк во 1983 година. Тој е еден од најголемите резерви на птици во Европа, со околу 270 видови, меѓу кои се и последните пеликани во Европа.