Кога во време на најдлабоката криза во туризмот ќе помислиме дека веќе нема што да се пишува на ова тема, баш тогаш ги создаваме најкреативните приказни. Имаме доволно слободно време да погледнеме наназад низ тоа што било и поминало и да направиме еден пресек на настаните. Нашиот тим е пресреќен што ќе ве запознае со Мано Ставревски. Човекот кој веќе наполнатите 68 години не му преставуваат пречка во животот да се бави како професионален туристички водич кој особено значење дава на планинарските тури и активниот туризам.
Мано има интересна животна приказна. Роден е во Атина, а поради егизистенција неговото семејство заедно со него се преселуваат во Германија. Мано таму завршува петто одделение, а потоа продолжува со образованието во Скопје. По многубројни работни места кон средината на својот живот се решава да ја проба својата среќа во туристичката бранша. По положувањето на потребните испити и стекнување на лиценцата за туристички водич за германското говорно подрачје, патешествијата на Мано започнуваат. Ние успеавме да го извлечеме од Мано она што најмногу не интересираше. Интервјуто е долго, но дефинитивно лесно за оние вистинските љубители на патувањето.
Здраво Мано, би сакале да се навратиме назад од вашиот почеток на кариерата. Како започнавте?
Во 2007 се вработувам во агенцијата за дојдовен туризам ’’Визит Македонија’’ во Скопје, водејки групи туристи од германското говорно подрачје со специјалност на теми: култура-историја, религиозни групи, политички-тематизирани патувања, за на крај да ја проширам мојата активност и во полето на планинскиот и планинско-велосипедскиот (МТБ) туризам. Поради незгодна ситуација со велосипедот во браншата на активниот туризам останав да ги водам планинарските тури во Македонија и околните земји со кои граничиме: Албанија, Косово, Црна Гора, Бугарија и Северна Грција.
Како се заљубивте во планината? Што ве привлече?
Љубовта кон планината настана уште од мали нозе, кога уште во Германија во викендите со родителите редовно изледувавме на прошетки во убавата природа и шуми на Баварија. Подоцна во Македонија како средношколец во трета година гимназија заедно со уште тројца мои соучени појдовме за првпат на планината Китка, каде две вечери спиевме на помалиот врв Красна градејки импровизирана колиба од гранки. Третата ноќ ја поминавме во тогашниот планинарски дом ,,Китка,, каде домар беше стариот Бајазит од с. Палиград. Многу години подоцна тој дом изгоре, по што домар стана познатиот чичко Јосиф.
Откако се оженив често со сопругата и трите ќерки престојувавме и по неколку дена на Китка која за тоа време ми стана и омилена планина и во која ги направив моите приви чекори во печуркарството. Како страствен печуркар почнав да посетувам и други поблиски планини како Скопска Црна Гора, Водно, Караџица, Солунска Глава, домот Чеплес, кои изобилуваат со разни видови вредни јадливи печурки.
Се зачленив во планинарскиот спортски клуб „Бистра“ од Скопје, каде започна и моето активно дружење и запознавање на безброј планински врвови во Македонија и околните земји со кои граничиме. Тие стекнати знаења во контакт со природата ми помогнаа всушност да се впуштам во мојата последна страст – водење на странски групи планинари од Германија, Австрија и Швајцарија по нашите и планините на околните споменати земји.
Како се развиваше вашата кариреа? Што ви остави најголем впечаток? Која година од вашиот живот ја поминувате и дали годините преставуваат пречка за ова физичка работа?
Веќе две години сум во пензија а пензијата ја надополнувам со продолжување на активноста како туристички водич. Целиот живот спортски активен (одбојка во средно), Карате 30 години, трчање на долги патеки, пливање, планинарење и планински велосипедизам, придонесе и покрај неколку скршеници на екстремитети и ребра и два вештачки колка да се осеќам во многу добра физичка состојба иако веќе ја трошам 68-та година од животот.Согласно старата латинска изрека „Менс сана ин корпора сана“ (во здраво тело здрав дух) јас настојувам во ова тешко време кога Корона-вирусот ги ограничува сите наши активности и социјални контакти да истраам во надеж дека во скоро време пак ќе можеме да се вратиме на нашите нормални животи и повторно да уживам заедно со моите групи во нашите заеднички патувања.
Какви туристи најмногу сакате? Дали туристите ве мотивираат да работите?
Составот на групите во областа на Културно-историските, студијски, религиозни и политичко-тематизирани патувања е воглавно сениорски (над 60-95 години). Како професионалец не би требало да правам некоја разлика, но морам да признаам дека во последните три-четири години се поголем предизвик ми претставуваат активните т.е планинарските тури, кои ги комбинирам и со анимирање на групите со моите широки познавања и од останатите области, па и со печуркарството.
Знаеме дека има многу убави места во Македонија, но одвојте ни ја планината во која што сте заљубени?
Нашата земја иако мала навистина е прекрасна и со разновиден биодиверзитет кој ретко каде во Европа го има. Сигурно ви е познато дека од вкупната површина од 25.717 км², 79% се планински терени, 19% на низините и само 2% на водените површини. Ретко која земја има волку убавини кои за странците се ретко познати планини, кои ги преферираат нашите мешовити листопадни и иглолисни шуми.
Навистина многу тешко прашање е да се одговори која планина е за мене најубава. Би одговорил дека за човек кој ја сака природата и оди на планинарење, секоја планина на свој начин ќе му биде убава, секоја нуди своја специфичност, дали во поглед на шумскиот фонд, дали во видиците од врвовите, дали во тежината и пристапноста на искачувањето. Само во Шарскиот масив долг 85 и широк 15-25 км имаме 15 врвови над 2500 метри, 25 врвови над 2000 метри. Што да се каже за Корабскиот Масив, за Јабланица, Јакупица, за Осоговијата, за безброј други наши убави планини, за нашите национални паркови и така натаму. Мислам дека на секој човек најдраг период од животот му е младоста, затоа ќе признам дека планината на мојата младост е планината „Китка“.