Љубовта треба секому да му се дарува, а тагата со секого да се споделува... Светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов и за почит...
Ова се само дел од пораките што светата Мајка Тереза со гласен шепот му ги пренесе на овој свет.
Светицата од Скопје, светицата на светот, која целиот свој живот им го посвети на болните, гладните, бездомниците, на жртвите на насилство... живееше едноставно. Како и за време на животот, така и по нејзината смрт – Таа остана синоним за доброто во светот.
Мајка Тереза е добитник на бројни признанија и награди за возвишениот хуман ангажман за згрижување на најсиромашните. Како основач на редот „Мисионери на милосрдието“ во Калкута, Индија, се посвети на добротворна работа, помагајќи им на болните и на сиромашните луѓе, поради што во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир. Почина на 5 септември 1997 година, во „Куќата на милосрдието“ што ја основа, а по беатификацијата, која на 19 октомври 2003 ја изврши папата Јован Павле Втори, ја доби титулата Блажена Мајка Тереза. Тој го прифати првото чудо – излекувањето на бенгалската жена Моника Бесра, која имала стомачен тумор. Во 2015 година папата Фрањо го призна второто чудо – излекување на Бразилец со тумор на мозокот седум години претходно. На 4 септември 2016 година, папата Франциск ја прогласи за светица.
Малата, срамежлива и тивка Мајка Тереза со најголемото срце на светот, е родена како Гонџа Агнеса Бојаџиу во Скопје.
Патот на Гонџа
Животниот пат на Мајка Тереза почнува во т.н. „Латински кварт“, на скопскиот десен брег од реката Вардар, кога Македонија била дел од Отоманската Империја. Гонџа Агнеса Бојаџиу е родена на 26 август 1910 година, на тогашната улица „Поп Кочина“, бр. 14, на местото на денешниот плоштад Македонија, на влезот на Градски трговски центар. Таа била најмалото дете во семејството. Постарата сестра Ага била родена во 1904 година, а брат ѝ Лазар во 1907 година.
Се верува дека името Гонџа (што на турски значи пупка или цвет од роза) го избрал нејзиниот татко Никола. Во католичката црква „Пресвето срце Исусово“ во Скопје, каде што била крстена само еден ден по раѓањето, ја примила и првата причест.
Податоците за татко ѝ не се докрај прецизни. Според некои извори тој бил трговец, а според други, помошник во аптека. Починал во 1919 година под неразјаснети околности и бил погребан на Католичките гробишта во Скопје. Мајката Драна била домаќинка и многу религиозна жена, со потекло од имотното косовско семејство Бернај од Призрен. Помагала секому, а вратата од куќата на семејството Бојаџиу постојано била ширум отворена. Гонџа растела опкружена со љубов и гледала како чувствата и материјалните добра (храна, облека, пари…) несебично се споделуваат со другите.
Кога Гонџа наполнила седум години, тргнала на училиште, прво во црквата „Пресвето срце Исусово“, а подоцна и во државното училиште. Таа била мултиталентирана – пеела во хор, свирела мандолина, рецитирала, пишувала поезија, танцувала, играла во црковниот и градскиот театар... Во тоа време Скопје бил развиен трговски центар, мултикултурна и мултирелигиска средина. Гонџа комуницирала со сите, различни по јазик, култура, вера и по погледите кон светот. Низ тие спротивставености таа научила дека само љубовта ги намалува разликите.
Младата Гонџа била жива, темпераментна, ведра, насмеана и дружељубива девојка. Пожртвувана и скромна, но одлучна и силна, што било контраст на нејзината кревка физичка природа. Исклучително хумана. Сè почесто сонувала да стане чесна сестра.
Во тој период, отец Фрањо Јамбрековиќ од црквата „Пресвето срце Исусово“ честопати на верниците им читал писма од мисионерки од Индија и од Африка и живописно им го објаснувал животот. Тоа бил мотив кај малата Гонџа да се јави копнежот да замине во Индија. На 12-годишна возраст, добила повик од Бога, а конечната одлука да го напушти Скопје ја донела по шест години. Од Старата железничка станица заедно со мајка ѝ и со сестра ѝ заминуваат за Загреб, каде останале две недели. Таму се разделиле и Гонџа заминува за Ирска (тоа е и нивната последна средба). Во Даблин, го одбира името Тереза по Св. Тереза од Авила, шпанска калуѓерка од 16 век, која му припаѓала на редот на т.н. босоноги кармелити (римокатолички религиозни редови со потекло од испосниците од ридот Кармел во Палестина) и извршила реформа на кармелитскиот ред. Според други извори, Гонџа го зела името од француската калуѓерка Тереза Мартин, на која во 1927 година Ватикан ѝ ја доделил титулата – Св. Тереза од Лисео. И таа била од редот на Карамелитите, умрела многу млада во 1897 година, а водела едноставен живот посветен на молитви и мисионерство. Како и да било, со изборот на името, Гонџа како да си ја предодредила сопствената судбина на вечна слава.
По краткиот престој во Даблин (каде го научила и англискиот јазик), како дел од специфичниот религиозен ред од сестрите на Лорето, следната станица е Калкута, Индија. Една година подоцна, на 1 декември 1928 година, од Ирска тргнува со брод за Индија. За време на едномесечното патување ја пишува песната „Проштевање“ (оригинално „Опроштај“, напишана на хрватски јазик), во која ги изразува своите размислувања и чувства за напуштањето на родното Скопје, семејството и за патувањето во далечната и непозната Индија. Во Калкута, Индија пристигнува на 6 јануари 1929 година. На 25 мај 1931 година во Дарџилинг го дава првиот завет како сестра Тереза. Работи како професорка по географија и по веронаука во училиштето „Св. Марија“ во Калкута.
Мисионерскиот пат
На едно од бројните патувања низ милионскиот град Калкута, таа во 1946 година го почувствувала Божјиот повик да им помага на најсиромашните меѓу сиромашните и да им дарува љубов на тие на кои им е најпотребна. Дури две години подоцна добива дозвола да го напушти редот. Сестра Тереза била ексклаузирана, односно можела да го напушти редот без да се откаже од својот статус на калуѓерка. Оттогаш, таа живее со најсиромашните во предградијата на Калкута како „светица на бедниците“ или буквално „светица на сливниците“ (магазин „Лајф“).
Оттогаш, секаде и секогаш таа се именува со Исус, ширејќи ја својата молитвена порака за љубов и светлина. Како основач на редот „Мисионери на милосрдието“, се посветува на добротворна работа, помагајќи им на болните и на сиромашните луѓе. Во 1950 година го основа редот „Мисионерки на љубовта кон ближниот“, а во 1951 добива индиско државјанство. Членовите на овој ред морале да се обврзат на сиромаштија и на послушност и дека нема да склучуваат брак. Подоцна овој ред беше признат од папата и беше под негова контрола. Најголема грижа за редот на Тереза беа луѓето пред умирање, болните и сирачињата. Денес редот на Мајка Тереза брои повеќе од 5.000 сестри и повеќе од 500 браќа во школи, народни кујни, прифатилишта и болници за сиромашни, гладни и оставени во над 130 земји од светот. Веќе во раните 70-ти години од минатиот век таа е меѓународно позната. Нејзината популарност во тоа време делумно се препишува на документарниот филм „Нешто убаво за Бога“, кој го снимил Малком Магериџ во 1969 година.
За нејзиното несебично дело таа доби голем број награди, од кои најзначајна е Нобеловата награда за мир од 1979 година. Наградата ѝ е доделена за трудот во борбата за совладување на сиромаштијата и патењето, кои се закана за мирот. Мајка Тереза одби да учествува на свечениот банкет и замоли наградата од 192.000 долари да им се додели на сиромашните во Индија. Кога ја доби наградата, на прашањето: Што можеме да направиме за мир во светот?, таа одговори: Одете дома и сакајте си го семејството!
Како што пишува нејзиниот биограф Стојан Тренчевски, Мајка Тереза во родниот град Скопје престојувала четири пати по заминувањето, и тоа во: 1970, 1978, 1980 и во 1986 година. Една година по добивањето на Нобеловата награда, во 1980 година, по доаѓањето во родниот град е прогласена за почесен граѓанин на Скопје. За време на нејзиниот престој во родниот град, со посебно доживување и длабока интимна болка го посетува гробот на татко ѝ Никола. Според сведоците што ја придружувале Мајка Тереза, пред гробот на својот татко, таа кажала:
Знам татко, многу ме сакаше. Те сакав и јас, иако бев дете. Му благодарам на Господ што ме донесе овде да ти се помолам и поклонам, да видам каде почиваш во Божјиот мир.
Според Тренчевски, додека била жива Мајка Тереза на прашањето што е по националност, одговарала:
Јас му припаѓам на Господ Бог, на Исус Христос. Имам љубов за сите луѓе во светот. Меѓутоа, родена сум во Скопје. Јас сум Скопјанче!...
Патот до вечноста
Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година во Калкута, градот во кој го помина најголемиот дел од својот живот. Замина десетина дена по нејзиниот 87. роденден, по неколкугодишната борба со болест на срцето и белите дробови. Со нежно здравје, таа често била болна, дури и од маларија. Последните нејзини зборови биле:
Молете се мојата работа да продолжи. Јас не сум важна.
Иако нејзиниот живот бил скромен, погребот одржан на 13 септември во Калкута, бил величествен. Нејзиното тело со денови било изложено во стаклен ковчег во црквата „Свети Томо“. Мајка Тереза за милиони верници претставуваше светица за време на својот живот. „Светицата на бедните“, како што беше нарекувана од тие за кои деноноќно се грижеше, беше носена низ улиците на Калкута на истиот воен топ на кој за време на погребните церемонии биле носени и мртвите тела на Махатма Ганди и Џавахарлал Нехру. Во поворка од десетици илјади луѓе, кои сакаа да ја видат за последен пат. Светот се прости од неа на свечената погребна церемонија во затворениот стадион „Нетанаџи“ во Калкута. На погребната церемонија, која имаше државнички карактер, присуствуваа истакнати личности од светот, меѓу кои четири претседатели и три кралици.
Свечената церемонија заврши по 3,5 часа, кога македонската делегација во името на македонскиот народ и на Македонија положи венец во знак на почит од македонските граѓани, особено на скопјани, чија сограѓанка беше Мајка Тереза. Последниот поздрав го упати наследничката сестра Нирмала. По молитвените песни, испеани од хорот на мисионерките, телото на Мајка Тереза е однесено до „Куќата на милосрдието“, каде што е сместено главното седиште на „Мисионерките на љубовта“. На белата бетонска конструкција, покриена со бела мермерна плоча, стои епитафот: Сакајте се еден со друг, како што ве сакав.
Патот до бесмртноста
Наспроти вообичаените канони, наместо по пет години, папата Јован Павле Втори ја покрена процедурата за беатификација една година по нејзината смрт. По беатификацијата на 19 октомври 2003 година, таа ја добила титулата блажена Мајка Тереза, која ја носеше сè до нејзиното прогласување за светица на 4 септември 2016 година на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан. Прогласувањето на Мајка Тереза за светица, Македонија го обележа со низа настани и манифестации, а во Скопје беше приредена татковинска прослава, насловена „Месец на света Мајка Тереза”. Во капелата на нејзината Спомен-куќа во Скопје се одржа свечена света евхаристија. Во чест на канонизацијата, во септември беа одржани повеќе миси (богослужби) во Католичката црква „Пресвето срце Исусово“, изложби, концерти, прикажување на филмови за живот и делото на светски познатата мисионерка. Во МАНУ, пак, беше одржана Свечена академија.
По стапките на Мајка Тереза
Велат дека местото на раѓање ја чува целата потенцијална енергија на едно битие, кое како една капка навидум се одвојува од океанот. Сепак, тоа е капката што подоцна ќе го разбранува целиот океан, но истовремено, ќе се слее во него и ќе го смири. Таква е и приказната за Мајка Тереза. Малата, срамежлива и тивка Гонџа го напушта Скопје и оди кон сакралното, во непознатата Индија по повик од Бога, за подоцна да се врати меѓу луѓето и да се слее со најбеспомошните.
Македонија се гордее со најпознатата скопјанка и единствената нобеловка од земјата. Камен-темелникот на спомен-куќата на Мајка Тереза беше поставен на 9 мај 2008 година, а за само девет месеци беше изграден објектот посветен на најхуманата жена на светот. Спомен-куќата официјално е отворена за посетители на 30 јануари 2009 година, а локацијата не е случајна. На ова место, до земјотресот во 1963 година се наоѓала католичката црква „Пресвето срце Исусово“.
Внатрешноста на изложбениот простор во спомен-куќата потсетува на типична градска куќа од Македонија од почетокот на 20 век. Концептот е да се следи животниот пат на Мајка Тереза од нејзиното детство поминато во родното Скопје, преку годините поминати како „Мисионерка на милосрдието“, па сè до нејзината смрт и беатификација. Најзначајни предмети изложени во музејот се белото сари со сини ленти (второстепена реликвија, нејзиниот знак за распознавање и официјалната униформа на „Мисионерките на милосрдието“), копија од крштеницата, авторизирани копии од документи со нејзин ракопис и од добиените награди. Меѓу документите се и молитвеникот напишан од Мајка Тереза, копија од Нобеловата награда за мир, како и копија од писмото испратено до Методи Антов, градоначалник на град Скопје, по повод добивањето на наградата. Поставката располага со бројни фотографии, кои на најдобар начин ја доловуваат хуманитарната работа на Мајка Тереза и на сестрите од нејзиниот ред. Подрумскиот дел од музејот е конципиран како мултимедијален простор, каде што се одржуваат проекции, промоции, едукативни проекти и изложби, поврзани со животот и делото на Мајка Тереза. Над изложбениот простор се наоѓа капелата, каде што католички свештеници одржуваат миси.
Посетата на родното место на Мајка Тереза ќе ви отвори нови хоризонти и ќе ве доближи до животот и делата на Светицата, која е симбол на добрина и светост, една од најиконичните духовни фигури на нашето време. Таа даваше лекови, храна и љубов – со голема насмевка. Искусете го патот од каде таа ја почнала големата мисија, и верувајте, светот ќе почнете да го гледате од поинаква перспектива. Тие што имале можност да се сретнат и да зборуваат со Мајка Тереза, ќе се сетат на неа како на крајно едноставна и топла личност, која пленува и трајно останува во сеќавањата. Многумина ја осознаа додека беше жива, но за многумина таа стана светица дента кога почина. Нам ни останува да се сретнеме со нејзините корени, во центарот на Скопје, и да ја слушнеме нејзината приказна.
Таа рекла:
Сите не сме створени да правиме големи работи. Но, затоа можеме да правиме мали работи со многу љубов.
А, сакаме да патуваме и да доживуваме нови искуства, нели?