Шармот и цврстината на каменот со малино-розова боја

Уметност, наука, филозофија, духовност, природа, енергија, алтернатива и занаетчиство – сите тие аспекти споени во едно е утопија за некого. Но, не и за Деан Шкартов – Деко, чие име е синоним за Mакедонскиот рубин со малино-розова боја, тој единствен ендемичен вариетет на рубинот во Европа, чие најважно лежиште е Македонија.

Во толку мало земјиче, токму тука, е рубинот за Европа. Не е во Франција, Романија или Германија што се огромни, туку во ова делче тука, истакнува Деко, раскажувајќи ни ја приказната исполнета со безброј интересни настани.

 

 

Рубинот е најтврдиот скапоцен камен по дијамантот. Според Мосовата скала, овој скапоцен камен има тврдина 9 и се наоѓа веднаш по дијамантот, со тврдина 10.

Еден од најтврдите и со огромна енергија, но истовремено и еден од камењата со најнежна малино-розова боја, која е вибрација на чакрата на срцето, центарот на љубовта. Тие два аспекта – на најсилниот и на најмилостивиот – нели е тоа Бог?, ни кажа Деко на заминување.

 

 

Рубинот е најтврдиот скапоцен камен по дијамантот. Според Мосовата скала, овој скапоцен камен има тврдина 9 и се наоѓа веднаш по дијамантот, со тврдина 10.

Еден од најтврдите и со огромна енергија, но истовремено и еден од камењата со најнежна малино-розова боја, која е вибрација на чакрата на срцето, центарот на љубовта. Тие два аспекта – на најсилниот и на најмилостивиот – нели е тоа Бог?, ни кажа Деко на заминување.

 

 

Но, да се вратиме на почетокот и да се обидеме да пренесеме дел од приказните што ни раскажа тој во малото дуќанче за природни кристали, минерали и скапоцени камења на 10 квадратни метри, сместено во срцето на Скопје – на ќошето на Рекорд, на местото на првата бижутерија во градот.

Патот до волшебниот свет на кристалите

Деко е роден на 8 август 1964 година, во Скопје. Најважните спомени од детството му се поврзани со постучилишната настава во основното училиште „Владимир Надзор“, денес „Блаже Конески“ во Мичурин, Аеродром.

За среќа, имавме една учителка, која од секого можеше да и најмалата трошка креативност и да ја стави во функција. Од четврто одделение бевме музичко трио, кое по откривањето на Deep Purple во седмо одделение, премина на рок музика. Хард-рокот се покажа како многу добар за едно кревко детенце да созрее и да го спознае принципот на цврстина.

 

 

За разлика од татко му и сестра му, кои се архитекти, Деко тргнал по стапките на мајка му, биолог, и се запишал и го завршил Земјоделскиот факултет, катедра лозаро-овоштарство.

Природата отсекогаш ми била многу важна во животот. Во прва година двата најважни предмети беа ботаника кај гуру-професорката Радмила Групче и хемија кај познатата Олга Бауер. Начинот на кој професорката Групче ни ја предаде таа материја, тој фасцинантен свет на животот на клетката и филозофски ни објасни како да ги разликуваме, според тогашните сфаќања, живата од неживата природа, беше фасцинантно. Сега преку кристалите, по 10-20 години сфатив дека не постои нежива природа. Дури и кристалот е жива природа – Никола Тесла го сметал како прва стапка на организирање на живот, кој не е биолошки.

 

 

Додека студирал, Деко имал и друга голема пасија. Тоа била музиката. Првите три години од студирањето се поврзани со „Бадмингтонс“, легендарното пост-панк или панк-рок трио, феномен за тоа време. Пред крајот на студирањето е преминот во поп-рок концепт – „Александар Македонски“, а по дипломирањето е ангажманот со групата „Клержо“.

Само што тргна работата со „Клержо“, во 1991 година се распадна Југославија. Ги изгубивме контактите со Хрватска и Словенија, кои практично беа пазари за промоција. Тогаш имав можност првпат да отпатувам на подолго време во странство. Отидов во Трст, Италија, кај тетка ми Тања, сестра на мајка ми. Тргнав да барам работа. Го носев синтисајзерот, ако ми се посреќи со музиката, точакот за со него да барам работа и еден ранец, се сеќава Деко.

 

 

Пред да продолжи понатаму да раскажува за неговиот животен пат, тој ни пренесе и дел од неговите знаења за историско-географските и општествено-социјалните одлики на овој италијански град.

Во Трст го запознава Примо Ровис, прв граѓанин на градот и голем кафе-магнат, омилен меѓу граѓаните и мецена. Ровис бил сиромашно момче, Италијанец од Жмињ на Истра, кој по доделувањето на полуостровот на Југославија имигрира во Италија. На 8 години останал сираче без татко и мајка. Во Трст почнал како гранапчија,  продавал шеќер, ориз, зејтин..., а од раните 60-ти години на минатиот век, почнал да продава и кафе. Постепено станува светски експерт за берзите на кафе за Бразил. Станува милијардер, но никогаш не заборавил дека бил сиромашен.

Во тој период Ровис политички се борел за Трст да добие административна независност за средствата што му следуваат на регионално ниво, а Деко почнал да пополнува апликации за да емигрира во Америка или во Австралија, како агроном.

Ѝ викам на тетка ми да го прашам Ровис за во Бразил, тој беше дипломат, почесен конзул во оваа јужноамериканска земја. Во именикот го најдовме бројот, се јавивме за термин и тој ме прими.

Ровис го сослушал Деко, но не му препорачал да оди во Бразил. Му рекол да остави број и ако може – ќе му помогне. По 10-ина дена заѕвонил телефонот кај тета Тања, а на линија бил токму тој, големиот добротвор.

 

 

Ако уште барате работа, земете си алишта за работа и утре во 13 часот дојдете кај мене, на „Пјаца Томазео“, бр. 4.

Првата работна обврска на Деко била да му помага на градинарот Пино при уредувањето на дворот на куќата на семејството Ровис. Ангажманот неколкупати се продолжувал. Целото семејство Ровис – Примо, сопругата Суни од Бразил и двете ќерки Џилда и Кристина биле презадоволни од Деко.

На почетокот си носев сендвич, а кога дозна Ровис, ме покани да ручам со нивниот персонал. По секој ручек, следуваше и кафе. Додека уживав во кафето си мислев: Еј, пијам кафе дома кај најголемиот тајкун за кафе!, со насмевка раскажува Деко.

 

Во тој период Ровис почнал и нова пасија. Нарачал два контејнера со кристали од Бразил, од областа Минас Жераис. Неговата идеја била да ѝ го претстави на јавноста тој фасцинантен, скриен свет на кристалите.

Ме ангажираа за два месеца да ги подредиме кристалите, камче по камче. Кога заврши тоа, на сите други хонорарци им заврши работната обврска, а мене ми кажаа дека ќе останам и за време на изложбата.

 

 

Деко бил првиот вработен во новиот бизнис на Ровис. Се грижел за уредувањето на колекцијата „Арте ди дио“ (Arte di Dio, Божествена уметност) и бил презентер на изложба на околу 500 квадратни метри.

Татко ми кога дојде првпат да ме посети и кога ги виде камењата, ми вели: Синко остани, ова ќе ти го продолжи животот. Сè што е направено од човекот е подложно на критика, но ова е божја креација. Секое парче е ново и изненадувачко!

Тоа за Деко бил еден сосема нов свет, во кој се родила и љубовта кон кристалите...

Враќањето во родната грутка

Уште откако дошол во Трст, Деко бил решен да се врати во Македонија. Сакал да стекне искуство, да заработи, ако е можно да направи кариера и да се врати во родната земја тоа да го вложи. По одржувањето на изложбата во базиликата „Сан Лоренцо Тичинезе“ во Милано, по повод 2.000 години од раѓањето на Исус, Деко се враќа во родната земја со комбе, натоварено со околу еден тон камења.

Првото изложување на кристалите било на Скопскиот саем, 2001 година. Посетителите биле изненадени од тоа што го гледаат и прашувале дали камењата се вистински, што било позитивен сигнал за Деко.

 

 

Ги искористив врските што ги имав преку музиката, да не почнувам од нула, а по една година видов дека има потенцијал да се отвори дуќанче.

Според Деко, како земја не сме имале големо искуство со скапоцените камења во секторот на златарството, јувелирството. Најверојатно, затоа што ние не сме биле центар на власта, не сме биле кралство во последните неколку векови. Сите поголеми империи имале градска класа и буржоазија, за кои занаетчиство изработувало накит. Ние сме биле само провинција на Отоманската Империја и затоа во музеите немаме богата заоставштина на значајни примероци од накит со скапоцени камења. Дури и кога првпат Македонија станува самостојна во социјалистичкиот систем, сме имале само средна класа, која не била купец на скапоцени камења со повисока вредност.

Веќе во 2002 година пролетта, отворено е и првото дуќанче кај Грчката амбасада, кое станало култно. Полека, полека, се расчул гласот. Дури и златарите од Старата чаршија почнале да го препорачуваат: За камчиња, прашајте го Деко.

Во дуќанчето имало полускапоцени камчиња од различни видови и вариетети, сите увезени. Продолжил да соработува со фирмите од кои набавувала италијанската компанија во која работел претходно, ги знаел изворите и имал одлична маржа. Идејата била најпознатите кристали од светот да ѝ се претстават на домашната публика.

Набргу, Деко почнал да се интересира и како да научи да ги обработува каменчињата.

Почнавме да се распрашуваме какви се тие алати и машини, оти камчињата се многу тврди. Тоа е технологија што сепак не е во хоби-гранка, како што е на пример, обработката на дрво и метал. Таа не е толку експонирана, затоа што требало да обезбеди да се земаат скапоцените камења од сиромашните земји и да се брусат во богатите.

 

 

Големото откритие наречено македонскиот рубин

Како што минувало времето, во дуќанот сè почесто доаѓале и геолози и луѓе што ја разбираат темата и го прашувале како може да има камења од цел свет, а да нема ништо од Македонија. Сè почесто му зборувале дека и во Македонија има рубини. На почетокот, Деко бил скептичен и мислел дека тоа е некоја грешка. Откако повеќе се заинтересирал, дознал дека сепак Македонскиот рубин е означен на светската мапа, на која се и рубините од Бурма, Шри Ланка, Индија, Русија и од Танзанија. За Македонскиот рубин се знаело уште во 50-тите години од минатиот век, а првите податоци за него датираат дури од 20-тите години. На таа тема истражувал германскиот геолог Ото Хајнрих Ернстмандорфер, кој по завршувањето на Првата светска војна издал неколку научни трудови во кои првпат било посочено оти во Пелагонија се пронајдени примероци од минералот корунд, кој е алуминиум оксид, а неговиот црвен вариетет се нарекува и рубин.

 

Најдовме некои грутчиња што личеа на рубин и ги однесов на повеќе тестирања во странство. Ми потврдија дека тоа е рубин, не од висока категорија, но сепак природен. Си реков: Зарем е можно? Дома имаме рубин! Ми беше чудно како тоа досега не е општо познато, не е промовирано од институти, министерства, факултети...

 

 

Штом сфатил дека во Македонија навистина има рубин, Деко дефинитивно решил да научи да бруси скапоцени камења. Ги употребил познанствата од Италија, набавил машини, побарал совети и почнал исчекор во новото непознато. До 2005 година учел, се опремувал и експериментирал, а во 2006 година првиот брусен Македонски рубин конечно го здогледал светлото на денот. Пред публиката првпат бил изложен на пролетниот базар на ракотворби во Старата чаршија и ја освоил наградата за најдобар производ. Веста се нашла и на насловните страници.

Имиџот на една мала земја како Македонија, аграрна и рударска, одеднаш се претставува преку скапоцен камен, кој е ендемичен. Одеднаш, од аграрна земја, стануваме земјата на скапоцениот камен, кој го има само тука. Во научната литература Македонија е опишана како најважното место во Европа за рубини, нагласува Деко.

 

 

Најпрвин, заинтересираните поединци во Македонија немале доволно доверба во новиот производ. Првите лојални клиенти претежно биле странските мисионери, дипломати и амбасадори... Полека, полека, од странските почнале да се окуражуваат и домашните клиенти.

Во тоа време беше и кампањата „Купувајте македонски производи“, а се инвестираше и во апсолвирање на свеста за самите нас, дека сепак сме древна култура и имаме нешто што можеме да покажеме пред светот. Македонскиот рубин се појави токму во вистинскиот момент, вели Деко.

Од 2008 година Македонскиот рубин е заштитен како трговска марка и практично Деко е филтерот на неговата квалитетна промоција. Според него, шармот на промоцијата на Македонскиот рубин е во искреноста, а не во комерцијалноста.

Тој е резултат на чист човечки и уметнички ентузијазам. Тоа зрачи од него. Велат дека кога се бруси еден скапоцен камен, многу е важно каква е менталната и духовната состојба на креаторот – таа енергија се пренесува и на каменот.

 

 

 

Промоцијата на Македонскиот рубин хронолошки коинцидира и со почетокот на развојот на дојдовниот туризам во Македонија. Локацијата кај Грчката амбасада веќе се покажала како недоволно соодветна за туристите што биле во кратка посета на Скопје, кои вообичаено имале време за посета на точките во центарот на Скопје. Деко веќе барал позиција поблиску до Центар, некое мало место. Изборот паднал на дуќанчето на Рекорд, кое почнало со работа во 2012 година. Околу 3 години паралелно работеле и двата дуќана сè до 2015 година, кога е затворен тој кај Грчката амбасада.

Новото катче добило одличен публицитет.

Кога доаѓаа странски автори да прават документарци за Македонија, тогаш ние бевме една од новите работи што им беше сугерирана и тие ја прифаќаа со голем ентузијазам. Македонскиот рубин се појави во документарните филмови на европскиот канал „Арте“ и на јапонската телевизија „Сузуки“. Нè имаше и во јапонскиот и францускиот туристички каталог.

На 29 ноември 2013 година е направена првата изложба „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“ во „Порта Македонија“, која со години била планирана. Деко ни ја објасни симболиката на насловот на изложбата:

Скапоцените камења со розова боја од нашиот енергетски систем се примани преку чакрата на срцето, а таа е првата чакра која го разликува човекот од сиот друг анимален свет. Тоа е чакрата, во која се вкрстуваат хоризонталниот (материјалниот) и вертикалниот (духовниот) свет. Точката во која се вкрстуваат вертикалната и хоризонталната оска на крстот, балансот меѓу земното и божественото е всушност портата што се отвора за да напредувате кон духовноста. Оттука и – „Моќниот зрак на нашето срце“, затоа што Македонците сме познати како полиглоти и гостољубиви, мили, позитивни, сакани од сите и неагресивни.

 

 

Промотивното видео за Македонскиот рубин по повод изложбата, со авторска музика на Деко („Клержо“ и „Бадмингтонс“), требало да го прави филмскиот монтажер Сашко Потер-Мицевски. Но, тука случајноста, доколку постои, вмешала прсти. Во меѓувреме, Сашко добил стипендија во Лондон и како своја замена ја испратил тогаш младата студентка Тамара Котевска, денес позната како режисерката на „Медена земја“.

Промотивното видео за Македонскиот рубин ѝ беше еден од првите поголеми проекти на Тамара, а сега види до каде стигна – до две номинации за Оскар!

Идејата на Деко е во секој град во Македонија да има по еден дуќан со локален занаетчија, кој ќе го вградува Македонскиот рубин. Засега таа идеја е реализирана во Охрид со помош на соработникот Митко Укоески, кој практично го оживеал филигранскиот занает, односно концептот на врвниот стар мајстор Вангел Деребан, историска личност за Охрид. Во 2018 година на Велигден, по 10 години повторно е отворен дуќанот на Деребан, каде што во филигран се вградува и Македонскиот рубин.

Филигранот со само едно камче Македонски рубин, веќе е препознатлив производ што веднаш се воочува. Станува елитен занаетчиски производ со повисока додадена вредност. И светски бренд.

 

 

 

Во семејството на Balkan Prime Tours

Во дуќанчето „Деко“ вработени се четворица. Со текот на годините, изградена е и мрежа од надворешни соработници, затоа што овој сектор, како што ни кажа Деко, функционира на тој начин – секој секому помага.

Веќе неколку години Деко се труди да биде и во посебна пријателска комуникација со туристичките водичи.

Соработката не ни оди најдобро со туристичките водичи што работат само за профит. Тие не се на потребното ниво на соработка, затоа што Македонскиот рубин не е комерцијален производ. Тој е многу повеќе... Најдобрите промотори на Македонскиот рубин се тие што ја чувствуваат неговата суптилна вредност.

Иницијатор за соработката со Balkan Prime Tours бил Влатко Сулев.

Полека, полека... мислам дека дефинитивно Влатко е еден од тие што имаат капацитет, поширок кадар на гледање на нештата. Тој ги развива и бизнисот и идејата за да постави нова платформа, која ќе биде валидна долго во иднина. Исто и ние. Едноставно, се препознавме како луѓе со сличен сензибилитет, кои можат многу да направат за сопствената земја. Поврзувањето на добрите луѓе е решение на проблемот, кој се создаде како резултат на високиот капацитет на вмрежување на „лошите“ луѓе...

Деко додава дека и девојките од Balkan Prime Tours имаат голем кредит во целата приказна.

Влатко одбрал соработнички, какви што му одговараат и се покажа дека постапил одлично. Тие девојки што носеа групи, имаат „кликер“ на гостите да им покажат редок ексклузивитет. За да бидете успешен и да направите големи дела, не треба многу да се мачите. Многу поважно е да се сетите на вистинската работа во вистинскиот момент и со малку потрошена енергија да пренесете информација.

 

 

Според Деко, Balkan Prime Tours овие години е лидер во дојдовниот туризам и голем промотор на Македонскиот рубин. А, тоа што е важно за туристите, е дека тука, во дуќанчето, стекнуваат информации и спознаваат еден сосема нов и скриен свет. Скапоцените камења, природните минерали и кристали во јувелирството се многу атрактивни, секаде во светот. Најпрвин затоа што се мали; второ, затоа што се автентични; трето, затоа што некои од нив се претставници на точно определени географски точки на Земјата, бидејќи се ендемични видови и четврто – тие се одраз на одредени историски и културолошки моменти во општеството.

Туристите бараат нови искуства, на секое ново патување сакаат да се стекнат со нови знаења. Во тоа сме многу добри – им даваме информации за нешто ново што не можат да го најдат никаде на друго место во светот и им даваме знаења од областа на геолошките науки, кои се извонредно атрактивни, вели Деко.

 

Тие што ќе си купат Македонски рубин, добиваат и сертификат. Основната сатисфакција за Деко е нивниот фидбек, што е забележано во тетратчето на импресии. Тоа е неверојатно!

 

Симболиката на Македонскиот рубин

Некои скапоцени камења се маркери за одредени култури, земји, држави или народи. Жадот бил култен камен во Кина, тиркизот бил каменот на Пуебло и Навахо Индијанците во Аризона, Апачи ги имаат нивните „солзи“, Маорите на Нов Зеланд го имаат нефритот...  Ние го имаме Македонскиот рубин. Важно е дека е од територијата на Европа, со малино розова-боја, од економична, а не висока класа на рубини, и најважното – дека е автентичен и природен.

Синтетичките камења се произведуваат во контролирани лабораториски услови. Тие се секогаш еднолични. Најчесто немаат инклузии и секое парче е идеално исто со другото, како јајце на јајце. Секој човек сака неговиот камен да има некој детаљ по кој ќе се разликува од сите други. Инклузиите, кои се имперфекции, се како баркод-линии според кои може да се идентификува од каде потекнува каменот. Тоа дава персонализиран ефект и луѓето го знаат тоа.

 

 

Доломитските мермери, кои се карпите во кои е создаден рубинот, се едни од најстарите на планетата. Тие се од периодот прекамбиум и се смета дека имаат 800-900 милиони години старост, а и повеќе.

Значи, вие имате едно парченце од планетата Земја кое е скапоцен камен и е старо можеби и повеќе од милијарда години. Тоа е непроменливо, бидејќи скапоцените метали се топат и ги раскинуваат примарните хемиски врски, се рекомпонираат. Колку и да го брусите скапоцениот камен за да дојдете до чиста зона, финално обработен тој е брусен површински, но неговата конфигурација и кристална структура е непроменета од времето на неговото создавање. Затоа се смета дека камењата се запис на информации од времето во кое настанале и многу често се користат како реликвиски елементи, како инструменти за исцелување и медитација.

Ако Македонскиот рубин е музика, тој би бил хард-рокот на Deep Purple, кој еволуира до Pink Floyd и Моцарт:

Дисторзиите кај рок музиката се асоцијација на дисторзијата на абразивните алати што го брусат каменот. И тоа стружи и ова стружи. И тоа е силно и ова е силно. И уште нешто: Deep Purple бил еден од најбучните рок бендови и најголемиот атрактивен момент кај нив е живата изведба. Студиските албуми се едно, но живата изведба кај Deep Purple никогаш не знаеш како ќе се случи, како ќе се развие и колку ќе трае. Секоја презентација на Македонскиот рубин тука во дуќанот е непредвидлива, затоа што мораш да го приспособиш својот настап според типот на посетителот.

Освен за Македонскиот рубин, Деко ни ги претстави и амазонитот со резедо-зелена боја и кристалот од Кокино со сивкаста, мат боја Тоа е нашето свето тројство!

 

 

Голем светски познати личности го добиле на подарок Македонскиот рубин – папите Бенедикт XVI и Франциск, рускиот патријарх Кирил, индискиот јоги Парамханс Свами Махешварананда, принцезата на народот Хунзи – Рани Атика, сопственикот на леарницата во Фиренца – Маринели, актерките Кетрин Денев, Дерил Хана и Изабел Ипер и многу други луѓе дипломати и видни личности од Македонија.

Сите Македонски рубини кај големите светски личности се направени и излезени од нашата работилница. Штета што Тоше Проески не стигна да го добие...

За Деко, многу е важно што е протагонист на еден историски чекор напред. Затоа што, воведување и стандардизирање на еден национален скапоцен камен на една земја се случува многу ретко во историјата. Тоа е важен историски момент.

Една навидум фикс-идеја, инспирација или визија ви се остварува во овој живот и гледате дека таа функционира и ќе биде платформа на генерации по нас... Се разбира, ако успееме да го заштитиме Македонскиот рубин од неконтролиран одлив, на што сме сведоци со децении. Ние сме првиот и вистинскиот фактор на негова заштита, заклучува тој.