Приказна што допрва ќе се (пре)раскажува

Патувањето од илјадници милји почнува со еден чекор, рекол стариот кинески мајстор Лао Це. Првиот чекор за Влатко Сулев е желбата уште од втора година средно да заплива во водите на туризмот. Уште на таа возраст сфатил дека светот е полн со убавини и авантури, по кои треба да се трага со широко отворени очи. И тргнал, чекор по чекор, секогаш со стремеж да направи уште еден чекор повеќе. Денес тој е генерален менаџер на Balkan Prime Tours и претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија (НАИТМ)...

Кој е Влатко Сулев, како би се претставил?, го почнуваме разговорот со него.

Секогаш сум сакал да се објаснам со три збора, но некако тешко ми оди, вели тој и додава: Мислам дека со пет би успеал. Иако во денешно време не е на мода, но искрено, првите два збора што секој сакам да ги каже за мене се дека сум добар човек. Трет збор интегритет. Работник и чесен. Мислам дека тие зборови, плус посветен (веќе станаа шест)... да одиме до седум. Нека биде тоа љубов, затоа што сè што работам, или го работам со многу љубов, или воопшто не го работам.

Желбата да студира туризам кај него се искристализирала уште од втора година средно, природно-математичка гимназија. Отсекогаш бил фасциниран од историјата и од географијата, а го привлекувало и изучувањето нови јазици. Секако, во комбинација со младешкото сфаќање за туризмот, кое во тој период од животот е синоним за авантури и патувања. Веќе ја имал вистинската насока.

Историја, географија, патувања и јазици... мислам дека тој спој ме насочи да студирам туризам. Тогаш моите немаа можности. Сепак мојата решеност беше посилна и бев еден од ретките Македонци што правеа анализа каде може да се студира. Најстариот универзитет за туризам на Балканот е во Загреб, но тогаш, во 2001 година, Југославија повеќе ја немаше. По него, втор е Економскиот универзитет во Варна, Бугарија, со втората најстара катедра за туризам на Балканот. Тоа беше мојот избор, решив да се запишам.

Денес Влатко ги има положено сите испити од постдипломските студии за туризам во Софија, му останува уште магистерската тема. Втората пасија по туризмот му е менаџментот, особено менаџмент на човечки ресурси, па ги има положено и сите испити на постдипломските студии на Економскиот факултет во Скопје, со веќе дадена теза: „Стратегиски менаџмент во туризмот“.

Според Влатко, освен формалното образование, огромна улога во изградбата на неговата личност има и неформалното, односно сите книги што ги има прочитано.

Годишно читам најмалку 40 книги, читам или слушам аудио-книги. Читам исклучиво литература поврзана со бизнис, маркетинг, менаџмент или од сферата на туризмот. Во последно време омилен ми е Робин Шарма, голем дел од книгите му ги имам прочитано. Сега ја читам „Стратегиски менаџмент во туризмот“ и ја привршувам „Напред! (Како „Старбакс“ се бореше за неговиот живот без да ја изгуби својата душа) од Хауард Шулц, која е една од најважните книги за лидерството и за промената на нашето време. Тоа е книга за секоја генерација лидери.

Неговиот ден почнува во 5 часот наутро, најубавите часови во денот, кои ги обожава. Денот го почнува со учење нов јазик:

Моментално учам италијански со помош на онлајн апликации. Пред промоции, во зависност од тоа во која држава ќе одам, секогаш го учам јазикот за да можам барем да ги поздравам луѓето на нивниот мајчин јазик и нешто основно да ги разберам. Чудно е колку влијание има ако го слушаш јазикот постојано еден месец.

Потоа следува малку медитација, па вежбање (со слушалки) или читање книга. Дури потоа почнува подготовката за тековниот ден и секојдневните обврски.

Секојдневните работни обврски на Влатко подразбираат извршување на две значајни функции – генерален менаџер на Balkan Prime Tours и претседател на НАИТМ. Сепак, тој открива дека не се доживува ниту како генерален менаџер, ниту како претседател.

Искрено, не се доживувам како генерален менаџер на Balkan Prime Tours. Да, треба да има некој на таа функција, кој ќе ја застапува фирмата, но тоа значи одговорност. Некако, зборот директор не ми звучи добро. Подобро звучи лидер, кој води напред и го покажува начинот како да се оди напред. А, најголемата сатисфакција е кога гледам дека и другите го следат тој начин. Би можел да кажам дека сум успешен, само ако примерот што сум го поставил, некој друг го следи. И сакам да се следи, затоа што мислам дека тој е правилниот. Страдаме од тоа што премногу сме себични. Ме разочаруваат луѓето што требало да бидат лидери (имале среќа, работеле...) и наместо тоа да го пренесат на другите и да ги повлечат напред со нив, тие сакаат од старт да ги пресечат и да не им дадат можност да напредуваат. Мислам дека ништо не ме разочарува повеќе од тоа, истакнува Влатко.

 

Во врска со другата функција – претседател на НАИТМ, тој вели дека секогаш потенцира оти е член на Управниот одбор, но многу ретко истакнува дека е претседател.

Силата на НАИТМ е во компактноста на Управниот одбор, тоа е неговата движечка сила. Засега ја имам таа чест колегите да ми ја дадат довербата да бидам претседател, но ќе помине мандатот и ќе биде некој друг. Затоа и инсистирав НАИТМ да се професионализира, да има оперативен директор, кој ќе работи оперативно, бидејќи сите членови на Одборот имаме бизниси што треба да ги водиме, но можеме да му дадеме силен ветер во грб да го води НАИТМ напред.

Мозаик од искуства преточени во приказни

Пред да стане дел од, како што вели Влатко, семејството на Balkan Prime Tours, во 2007 година тој влегува во регионалниот проект Go Balkans, кој вбројува успешни активности и искуства на повеќе од 30.000 туристи. Фирмата Go Balkans почнала како Macedonia Viaggio (од италијанскиот збор viaggio, што значи патување) и најпрвин била создадена да опслужува италијански туристи.

Го прашавме во кој момент сфатил дека е време за трансформација и што било пресудно да го направи чекорот понатаму.

Во сезоната 2012/2013 година, веќе направивме трансформација и решивме дека е време да се оди чекор плус, на интернационализација на фирмата Go Balkans. Тоа беше непроценливо искуство за мене, многу сум им благодарен на моите ментори Фабио Котифава и Емилија Калајџиева, од нив научив многу. Тоа беше едно фантастично искуство, навистина големо училиште за мене. Но, знаете, во животот доаѓа момент кога чувствувате дека сте подготвени и оти е време да направите свој чекор, да изградите нешто свое, да играте според сопствените правила. Дека е време за промени. Одлучив да тргнам по сопствениот пат. Од денешна перспектива, мислам дека тоа се случи во вистинскиот момент. Сè уште мислам дека сме на вистинскиот пат. Градиме наша филозофија, наш начин на работа, кој е поразличен... Go Balkans ќе остане еден убав спомен. Горд сум на тоа што го сработивме, имавме навистина многу успеси... Go Balkans секогаш во мене ќе буди позитивни емоции.

Balkan Prime Tours има три локации моментално. Седиштето е во центарот на Балканот – Македонија, со нови канцеларии во строгиот центар на главниот град Скопје, над Шведска амбасада.

Македонија е стратешки поставена во срцето на Балканот и е одлична за менаџирање на неколку дестинации. Србија, Бугарија, Северна Грција, Албанија, Косово... – од сите сме оддалечени од 200 до 250 километри, а благодарение и на тоа што ги прават патиштата, максимум од 2,5 до 3 часа сме до сите дестинации, вели Влатко.

Другите две стратешките точки за цел Балкан се Тирана и Софија, па затоа Balkan Prime Tours одбрал да има оперативни канцеларии и на овие стратешки позиции.

Доаѓаме до моментот со филозофијата на Balkan Prime Tours, која засега, се темели врз пет клучни точки. Првата се средбите и дружењата со локалните жители, втората е автентичното искуство. Следуваат дополнителните вредности што го наминуваат вообичаеното искуство и промоцијата на Македонија како дестинација што го менува животот („Нешнл џиографик“ – април, 2016 година). И последната, петтата точка е издигнување на македонскиот туризам на повисоко ниво, што подразбира примена на принципите на одговорниот и одржлив туризам.

Нашата филозофија ја раскажува целата наша приказна – вредности, дестинации, тимот, што (не) можеме, истакнува Влатко.

Целата филозофија на Balkan Prime Tours се имплицира во таглајнот, составен од три едноставни збора: Повеќе од вообичаеното искуство.

Благодарение на нашиот маркетинг-директор и екипата околу него, преку тие три збора, конечно, брендот ја испраќа вистинската порака и начинот на работа на фирмата. За првпат, толку едноставно е претставено вистинското однатре, тоа што буквално го претставуваме ние. Од целата филозофија, до таргетот на фирмата... Името кажува сè!.

„Повеќе од вообичаеното искуство“ е одраз на „опседнатоста“ на семејството Balkan Prime да оди чекор повеќе.

Сите сме преокупирани од тоа на нашите партнери и на нивните клиенти да им овозможиме да доживеат едно искуство плус од тоа што го очекуваат. Секогаш да ги надминуваме очекувањата, вели Влатко, и додава: На еден начин, малку е оксиморонски тоа што тој чекор напред го правиме со враќање чекор наназад. Не одиме на тоа да се истакнат класични или комерцијални работи што може да се искусат, туку одиме малку  наназад – да го истакнеме тоа што е локално и најосновно. Тоа што би го искусил некој што има пријатели во Македонија и би дошол на гости кај нив по извесно време. Само тогаш би искусил повеќе од вообичаеното искуство. Тоа изворното, што нè прави нас навистина добри домаќини.

Генерално, според Влатко, Балканецот е добар домаќин. Тој верува дека клиентите не мора да одат надвор од Европа за да доживеат искуство што ќе им го промени животот. Доволно е да дојдат на Балканот. А, во Македонија и во Албанија, сигурно ќе им се случи промената.

Правењето на програмата, за нас секогаш е чин на пишување приказна. Секогаш внимаваме да има пет точки, кои кога ќе се врати дома, човек никогаш нема да ги заборави. Кога избираме хотели, кои патем се фантастични и ги имаат стандардните 4-5 ѕвезди, секогаш гледаме да бидат управувани од локално семејство, да го имаат тоа локалното... Внимаваме да ги внесеме туристите во најдобрите ресторани со локалните луѓе... Да имаме транспорт што ги задоволува сите европски стандарди.

Тој е дециден дека нема отстапка од базичните стандарди, но е свесен и знае дека тие работи туристот нема да ги однесе назад и да ги складира во спомените. Според него, тоа за современите туристи се минимални очекувања, треба максимално да се работи на деталите.

Поголемиот дел од нашите водичи живееле во државите од кои доаѓаат туристите и ја познаваат нивната култура. За нив тие се најдобрите, кои најнепосредно ќе им ја претстават културата на една дестинација. Сепак, ни тогаш туристите нема да ги вратите назад. Мора да постојат пет точки што никогаш нема да ги заборават, а тоа може да се постигне само со персонализиран контакт. Со среќавање на обичните локални луѓе. Организирање ручек во локално семејство, запознавање на локалните херои, луѓе што општеството не ги препознало и никогаш не умеело да ги награди за сиот труд што го посветиле. Ние сакаме да ја наградиме нивната посветеност и работа, да останат запишани во историјата, да се споменуваат и да живеат.

Едноставно, Balkan Prime Tours им го враќа еланот на неоткриените локални херои. Притоа, главните јунаци не го прават тоа за пари, бараат само малку стручна помош и организација за да го види некој тоа што тие го имаат и сакаат да го прикажат.

Тоа е придобивката што нè прави нас поразлични и подобри од другите. А, пред сè, нè прави пионери во таа дејност, бидејќи цело време сме насочени кон наоѓање нови канали, луѓе и активности што ќе се надоврзат на нашата филозофија, истакнува Влатко, и открива една од тајните како го постигнуваат тоа. Еден мал детаљ: Возачот од Ресен, кога ги пренесува туристите од една до друга дестинација, попат застанува кај уличните продавачи на јаболка и полни две кеси. На сите им дава по една сочна ресенска јаболка, чиј мирис се шири низ автобусот... Тоа за нив е приказна, а тоа го нема во ниту една програма.

Идејата и луѓето што ги избира Balkan Prime Tours ја делат истата страст, пасионираност и горди се на тоа што го имаат. И, најважното – ништо не е комерцијално, туку вистинско. Приказна, но вистинска, гордо истакнува Влатко.

Од сето тоа што тој досега го раскажа, јасно е дека одговорниот туризам е на највисоко место на агендата на Balkan Prime Tours.

Целта ни е да дадеме придонес, колку што е можно повеќе. Да инволвираме колку што е можно повеќе локални луѓе. Да го промениме животот не само на клиентите, туку и на локалните луѓе. На еден начин, да успееме да создадеме претприемачи од луѓе што не ни сонувале за тоа. Да им помогнеме да го реализираат својот сон и да ја променат судбината.

За Влатко тоа е правилниот пат по кој треба да се продолжи, друг не постои. Но, иако е многу горд на различноста на Balkan Prime Tours, сепак би бил уште погорд да ги сподели искуствата со секој колега што ќе покаже интерес.

Искуствата не ги криеме и чуваме само за нас. Апсолутно, тие се тука и се достапни. Сме ги изградиле и сме работеле на нив, а кога ги споделуваме, тоа е посебна сатисфакција. Однесувањето кон клиентите, го пренесуваме и на доставувачите,

вели тој и додава дека со оглед на тоа што продуктот е комплексен, доследноста задолжително треба да биде императив.

Ако сакате да привлечете луѓе и да ги „заразите“ со својата филозофија, мора да се однесувате како што се однесувате кон клиентите. И тоа да им го демонстрирате на секој можен начин. Филозофијата е распространета и прифатена од сите членови на нашата екипа и мислам дека успешно го спроведува.

Тоj свет постојано се проширува. Влатко скромно признава дека можеби тој е носителот што го поставил патот, но истакнува дека ако во тоа бил сам, никогаш немало да стигне никаде.

Тоа е како мозаик, но чудно е како се поклопуваат коцките. Некој постојано влегува и го надополнува мозаикот, а приказната се шири и расте... Како во бајка...

Големото семејство на Balkan Prime Tours

Иако патувањето и истражувањето се дел од еден донкихотски стремеж кон мечтаење и кон авантуризам, сепак, како што нагласи Влатко и претходно, човек ништо не може да направи сам. Тимот, односно семејството кое овозможува доживување на „Повеќе од вообичаеното искуство“, апсолутно има најголем кредит во приказната.

Секогаш потенцирам, а тоа го мислам и искрено – секој вложува многу во Balkan Prime Tours. Сите веруваат во нашите идеали и во патот што е трасиран. Го следат, а резултатите неминовно доаѓаат, вели тој.

Голем дел од успехот се должи и на тоа што во фирмата има многу полиглоти, кои на сите пазари на кои се претставуваат, комуницираат на соодветниот мајчин јазик:

Ако ја таргетираме Франција, целата комуникација е на француски – од првиот мејл, до последниот телефонски разговор, кога ќе се потврди групата. Истото се однесува и на Италија, Германија, Шпанија...

Генерално, структурата може да се подели на менаџмент, оператива, промоција и маркетинг. Организацијата на играта е на „товар“ на менаџментот, но одговорноста честопати знае да се прелее од еден на друг.

Не сме сите строго определени на тоа што го работиме. Како фирма со средна големина, уште ја имаме можноста да бидеме похомогени, да знаеме што се случува во кој било сектор. Тоа најмногу се должи и на добрата комуникација, пред сè меѓу луѓето, а потоа и меѓу секторите,

објаснува Влатко, нагласувајќи дека во Balkan Prime Tours не постои вертикална хиерархија, туку линеарна:

Не постои строго поставена хиерархија, лидерите сами избиваат на површина. Секој е лидер и се стреми да го стимулира тоа лидерство – најпрвин да го извади максимумот од самиот себе, а потоа и од другите. Се стремиме секој вработен да биде селф-менаџер, со помош, еден вид управуван селф-менаџер. Мислам дека тој начин е вистинскиот и ја гледам мотивираноста. Секогаш кога има различни ставови, се разговара најотворено. Секој може сè да каже секому, додека тоа го кажува е со човечност и со почит. Мислам дека тој модел функционира беспрекорно. Внимаваме максимално да го потиснеме егото и да го издигнеме општиот интерес над личниот. Во секој случај, сите имаме позитивно влијание еден на друг, затоа што тимот е душата.

А, начинот на кои се слават малите успеси е посебен. Ниту еден член од семејството на Balkan Prime Tours не го чува успехот само за себе, туку веднаш го споделува со другите. За Влатко, најголемиот успех е кога те следат млади луѓе – само тој и маркетинг-директорот се ветерани во работата, сите други се помлади од 30 години.

И секогаш велам: размислувајте дека градиме нешто, наше е, на сите, најмалку е мое. Има моменти кога некои колеги имаат поголем бенефит од мене, бидејќи јас инвестирам. Гледам сè што сум научил да имплементирам. Вработените ги наградувам со доживотни бонуси, по учинок..., наскоро планирам да имплементирам и награди на помодерен начин – делови од фирмата за тие што се најзаслужни. Ние не сме семејство, во кое само јас го собирам кајмакот. Ако јадеме кавијар – сите јадеме кавијар, ако јадеме бурек – сите јадеме бурек.

 

Влатко е силно убеден дека Balkan Prime Tours поставува светски стандарди и се гради врз цврсти темели:

Мојата визија е голема и ќе биде полезна за многу луѓе. Директно и индиректно во фирмата. Се гради на здрава основа и во тоа нема компромис.

Фронтмените (водичите) на сцената на Balkan Prime Tours на секоја дестинација се луѓе  што ја споделуваат истата филозофија, едуцирани, подготвени и со отворен ум, од кои поголемиот дел, живееле во државата од каде доаѓаат туристите.

Туристите што сакаат да запознаат друга држава, имаат поголема доверба ако луѓето што ги пречекаат имаат нешто блиско со нивната култура. Значи, ако им кажат: Е, секој ден пиев кафе во тоа и тоа кафуле во Милано... А, гостинот возврати со: Јас пак живеам на два блока оттаму... Се крши мразот, полесно се гради довербата и полесно се пренесува приказната.

И покрај важноста на секој елемент во комплексниот тимски продукт наречен туристичка тура, водичите се клучни за нејзиниот успех, бидејќи тие ја пренесуваат филозофијата, топлината и непосредноста на Balkan Prime Tours. Поради комплексната реалност на Балканот, се практикува принципот „од граница до граница“ во матичната држава, а во другите земји, водичот е лидер на тура. Притоа, во одредени моменти, водичот е тој што треба да донесе одлука и тогаш има одврзани раце.

Знаеме дека ќе ја донесат правилната одлука и затоа и внимателно ги избираме. Тие имаат голема одговорност да се справат со малите, непредвидени ситуации, бидејќи кога веќе се водичи на турата, тие се и нашите очи. Друго е да седнеш во канцеларија и да ја направиш програмата, а друго е што тие од терен може да ти кажат...

(Не)откриени ризници на искуствата

Според Влатко, Македонија и Балканот како дестинации се огромен предизвик за управување. Во моментов, овие дестинации се посакувани и тренд во туристичкиот свет, но штета е што балканските држави не се подобро организирани за подобро да го искористат моментот и да направат поголем бум.

Тоа што ни се случува е благодарение на глобалниот тренд, кој всушност не нè затече. Цело време работиме, ги промовираме дестинациите, но немаме некоја насочена политика и резултати. За наша среќа, дел сме од трендот, ни се поклопиле коцките. Од Balkan Prime Tours сме експерти и можеме да дадеме максимум за цела поранешна Југославија, дополнително и за Северна Грција, Бугарија, Албанија и за Романија. Тука се затвора тој круг од дестинации што го работиме.

Balkan Prime Tours работи различни видови тури со голема страст и посветеност, но сепак е најгорд на културниот туризам, за кој е апсолутно експерт.

Најголем дел од нашата работа е поврзана со културните тури. Во рамките на културните тури работиме и со групи туристи кои доаѓаат од верски мотиви или се љубители на културното верско наследство. Тоа е т.н. пилигрански туризам, од францускиот збор pèlerinage, што значи ходочастие, еден вид верскиот туризам. Овој вид туризам посебно е поврзан за католичкиот свет, за Мајка Тереза. Тука е и гастрономскиот туризам, кој исто така спаѓа во културен туризам, објаснува Влатко.

Имаат и оддел кој го работи авантуристичкиот туризам, или како што Влатко повеќе би сакал да го нарече – активен туризам.

Наша силна страна е спојот на активниот со културниот туризам. Авантура во комбинација со запознавање на културата. Тоа е и моментален тренд во светот на туризмот – луѓето сакаат да бидат во движење, природа, но истовремено и да посетуваат културно-историски споменици. Активниот туризам вклучува пешачки тури, велосипедизам, ски-тури..., а во голема мера е поврзан и со тенденцијата за инсентив туризам (тим-билдинг).

Соодветно на турите, Balkan Prime Tours сервисира и различен тип туристи. Со оглед на тоа што фокусот е на културниот туризам, и поголемиот дел од туристите се од таа категорија – луѓе што се претежно високоедуцирани, имаат поминато многу дестинации, со отворен ум, но, и со високи очекувања.

Многу сум среќен кога таков профил на луѓе, кои биле на 70-80 дестинации низ целиот свет, доживуваат нешто поразлично. Успеваме да ги импресионираме и да ги изненадиме. Чудно е што најголем дел од нив, не доаѓаат со некои посебни очекувања, а заминуваат со посебни импресии.

Најголемиот дел од туристите се од европските земји: Франција, Италија, Шпанија, Германија, Австрија, Скандинавските земји, Белгија, Швајцарија. И секојдневно се отвораат нови пазари.

Во зависност од типот на туристи, и сместувањето е различно. Предност имаат квалитетните хотели, менаџирани од локални луѓе, кои, нормално, раскажуваат приказна.

Накратко, работиме со луѓе што имаат визија, во чии хотели се чувствува семејниот дух, но истовремено, во ниту еден момент не отстапуваат од модерните европски норми.

Помалите, авантуристички тури, се сместуваат во помали хотели или специјализирани куќи со капацитет од 6-7 соби. Дел од пилигранските туристи се сместуваат во манастирските конаци што се соодветни и подготвени за дочек.

Еднаш до двапати во годината, тим од Balkan Prime Tours прави по една обиколка во сите сместувачки комплекси.

Целта е двојна. Првата е да ги посетиме луѓето, да им најавиме што планираме за следната година и нормално втората, да видиме дали сè се одвива како што треба. Обиколките се и за да се провери квалитетот, но и да се изградат меѓусебно поблиски односи. Верувам дека најпрвин со некој треба да бидеш пријател, а потоа да му подариш довербата и да работиш со него. Ако некому не му веруваш, како ќе му дадеш група од луѓе да ги храни и да ги смести?!

И секако, тука е и неизбежната автентична гастрономска приказна на македонската кујна, која ќе се прераскажува во текот на еден фин оброк во некоја европска земја. Суштината на разговорот би можела да се сведе на уживањето во вкусот на македонската храна, потсетување на јадењата што биле вкусени на претходното патување и на тие што ќе бидат вкусени на следното.

Тој дел сакаме да го претставиме максимално автентично и оригинално. За нашите групи организираме ручек во современа македонска фамилија. Тука имаме фантастичен соработник, локалната хероина – Сандра, која има неверојатна енергија, а начинот на кој готви, е приказна сама по себе. Таа успева нашите традиционални македонски јадења да ги претстави на модерен начин и да ги собере сите суперлативи. Едно вистинско доживување. Луѓето ја чувствуваат таа гостопримливост, комбинирана со наша храна – свежи продукти, свежо приготвени и убаво сервиран, раскажува Влатко.

Посебно внимание се посветува на изборот на менијата, до детаљ, но сепак тоа да биде прифатливо за клиентот. Тој вели дека не може нешто да се форсира, ако клиентите не го прифаќаат.

Со добрата македонска храна одат и добрите македонски вина, од кои, како што Влатко често нагласува, дел се веќе препознаени и етаблирани од светски вински експерти, а дел, сè уште (ќе) се откриваат.

Во стремежот што поавтентично да ја раскаже приказната за македонското вино, Balkan Prime Tours не организира класични вински дегустации, туку во соработка со винарниците приредува винска едукација. 

Организацијата на винска едукација во Македонија за Французи и за Италијанци, е вистински огромен предизвик. Сепак, навистина веруваме во квалитетите на македонското вино, знаеме какво вино имаме и дека ќе им понудиме нешто поразлично. Знаеме дека нашето вино е различно од нивното, ставаме акцент на автохтоните сорти, ги презентираме во комбинација со македонската храна, и резултатите се неверојатни. Добиваме честитки.

Сепак, приказна не би постоела без партнерите-професионалци од „Попова кула“, „Стоби“ и од „Тиквеш“:

Со тие три винарници имаме фантастични партнерски односи, чии тимови се подготвени да одговорат на предизвикот.

За заокружување на македонскиот гастрономски момент, на туристите Влатко ќе им препорача:

Тука ќе јадете свежа, убава и оригинална храна. Во Македонија не смеете да очекувате скандинавски фајн-дајнинг. Тука владее филозофијата „време и место“. Единствено, примеси на фајн-дајнинг има во винарниците. Македонските винарници го имаат тој момент на сервирање и презентирање на храната. Сепак, сте во Македонија, а особено Македонецот бара свежа храна и месо, приготвени на убав традиционален начин, како што и самиот тој сака да ги консумира. И нормално е дека во најголем дел од рестораните ќе бидете послужени на тој начин. Тоа може да го доживеете само на Балканот. Максимално се трудиме да се приспособиме на вашиот вкус, но ние треба да ја презентираме нашата кујна. Мислам дека успеваме идеално во тоа. Балансот меѓу тие две работи е поставен мошне успешно.

Автентичен печат на бизнис-релациите

Balkan Prime Tours е дојдовен туроператор, кој постојано расте и се проширува. Со други зборови, има разработено ефективна методологија за стапување во контакт со нови Б2Б партнери. Пред да преминеме на пристапот, личен или преку е-пошта, Влатко спомна дека за сите нови партнери, кои се заинтересирани за соработка, двапати годишно прават информативни тури:

Дел од нив ги покануваме да дојдат тука 3-4 дена и им правиме тури, им ги претставуваме активностите, какви што би ги им понудиле и на нивните клиенти. Чисто да видат за што станува збор, да ја запознаат дестинацијата, да видат на кој начин работиме.

Сепак, пред да ги контактираат потенцијалните партнери, кога се прави селекцијата кој да биде контактиран, повторно на сцена стапува филозофијата на Balkan Prime Tours.

Не контактираме кого ќе стигнеме, туку само компании што имаат сличен продукт со нашиот. Се прави една добра анализа. Многу ретко се случува да биде контактиран партнер, кој нема интерес. Понатаму, не би навлегувал во детали. Освен што дел од вработените во фирмата се задолжени за потрага по нови клиенти,

Balkan Prime Tours има и неколку надворешни долгогодишни соработници, кои му помагаат да стекне нови клиенти.

Ангажирањето на инхаус маркетинг-директор е голем чекор напред, со кој, апсолутно им нудиме дополнителна вредност на клиентите. Како вистински ориентирана Б2Б-фирма, максимално се трудиме да го заштитиме брендот на секој партнер. Брендирањето, почнувајќи од масите, до маиците и знамињата... со логоата на нашите партнери, покажува колку тие се важни за нас, истакнува Влатко. Нашето лого го нема никаде. Бидејќи на клиентите не сакаме да им кажеме следниот пат да ни се јават нам, туку гледаме колку е можно да бидат позадоволни и да се јават кај партнерот. Толку да ги импресионираме, што кога ќе врати во агенцијата да каже: Ова беше навистина фантастично искуство, дајте ми друга дестинација. И верувајте, ја разбираат вредноста што им ја даваме.

Balkan Prime Tours е дел и од НАИТМ, односно од здружението на туроператори за дојдовен туризам, туристичка гранка, која полека се движи кон своето полнолетство. Каква е позицијата на македонските туроператори на меѓународните туристички пазари?

Благодарение на пожртвуваноста и посветеноста на тимовите што работат во македонските туроператори, може да кажам дека тие се една од светлите точки што ни се случуваат. Најголем дел од нив имаат пораст, и речиси сите, нонстоп зборуваме за вработувања. Според моите сознанија, во моментов имаме 500-600 луѓе што работат во нашите туроператори. Тоа е како во еден рудник. Порастот е очигледен, но може да биде многу поголем ако туризмот како сектор е поставен подобро во државава, вели Влатко.

Според него, НАИТМ е најубавото нешто што му се има случено на дојдовниот туризам, кој конечно доби репрезент, кој успева да одржи 130 членови:

Апсолутно на прво место е општиот интерес, и затоа и резултатите се позитивни. Затоа успеваме да седнеме на иста маса и покрај тоа што сме конкурентни, да разговараме, да споделиме, да научиме еден од друг. Тоа е начинот да одиме напред. Ние и отворено имаме иницијатива да го обединиме целиот туристички сектор. Промените што се случуваат во другите комори одат во таа насока што наскоро ќе бидеме партнери со повеќе од нив. Сакаме да соработуваме и да градиме заедништво, за да ги подобриме условите за работа во туризмот. НАИТМ достојно ги штити интересите на своите членови...

Во настојувањата уште повеќе да се зближат членките, организацијата наскоро ќе почне и со организација на афтерворк-дружења – „NAITM get together“, чија цел е да се среќаваат почесто, да се запознаваат, да споделуваат и да ги презентираат приказните на еден убав, поопуштен начин.

Очајно сакам да се промени сликата на туризмот како гранка во Македонија. Работиме исклучиво во таа насока. Ова е најчистиот бизнис што може да придонесе за развој на претприемништвото, младите да останат тука и да развиваат сопствен бизнис, да бидат дел од тој туристички продукт. И не само тоа, да ја промовираат и Македонија во најубавото можно светло.

НАИТМ е организатор на туристичката берза, која годинава ќе се одржи по четврти пат:

Берзите придонесоа за чинителите во секторот да се запознаат подобро, да се афирмира македонскиот туризам, поголемиот дел од нашите доставувачи да станат повидливи, да се претстават пред туроператорите од една страна, а од друга страна, им дадоа можност и на туроператорите да запознаат нови доставувачи. Колку и да е мал тој туристички пазар во Македонија, секоја година имаме нови познанства, нови бизнис-зделки што се случуваат на берзата и тој тренд ќе продолжи. Берзата е како круна на сезоната. Се организира во декември за да ја испратиме претходната сезона и да се подготвиме за новата, да споделиме со нашите партнери што било добро, што не било толку добро и што може да направиме подобро. Тоа е дружење што навистина е неопходно. Топло е прифатено од сите членови. Двесте луѓе од туристичкиот сектор да ги соберете на едно место, е навистина за поздравување. Одиме чекор понатаму со едукација, предавачи со практичен бекграунд од нашата сфера, кои ги споделуваат своите искуства, ни даваат насоки каде да продолжиме. Опфаќаме суштински теми.

Секоја година границите на берзата се поместуваат, се подига нивото. Осум месеци пред организацијата, веќе се знае дека големиот настан ќе се случи на 12 и 13 декември.

Пред крајот на разговорот, го прашавме Влатко како во денешниот глобален свет можеме да останеме достојни на оригиналноста и автентичноста и како да ги сочуваме. Неговиот одговор беше дека не постои друг начин.

Ако не сме оригинални, нема да опстанеме. Не гледам како може да бидеме конкурентни. Едноставно, не знам друг начин. Нешто што најмногу ме иритира е глумата, а туристите во денешно време тоа го препознаваат. Денес тие се толку суптилни, што ако се обидете да глумите и да правите театар, го препознаваат тоа и го презираат. Мора да се претставите достојно и оригинално. Тоа што сте. Ниту очекуваат да промените нешто, ниту го бараат тоа од вас. Едноставно, сакаат да се претставите во вистинското светло. И тоа да го направите со пасија, со страст – вистински, никако поинаку. Во одредена мера, денес кај нас на туризмот му паѓа одговорноста да трага по можности за промотивни и за туристички цели во сегменти, во кои луѓето апсолутно не ни помислуваат. На тој начин ќе ја задржиме оригиналноста и автентичноста, а истовремено и ќе одиме напред и ќе бидеме конкурентни.

Најважното според Влатко е никогаш да не се прави компромис со сопствените вредности. Никогаш и по никоја цена. Напред, но со континуирано учење, созревање и растење, никако со компромис со вредностите.

За крај, веројатно Хенри Милер бил во право кога рекол дека една дестинација никогаш не е само место, туку и нов начин на гледање на работите. Веруваме и дека оваа приказна ќе отвори една нова перспектива. Или, како што рекол Вивек Тангасвами: Кога патуваат луѓето велат: Уште едно место на светот. Но, јас гледам уште еден свет во секое место каде што одам. Само би додале дека тој свет вреди и треба да се прераскаже.