Музика на душата

Фотографиите користени подолу се преземни од веб страната на организацијата Wines Of Macedonia.

Таму долу, на југоистокот од старата дама Европа, на ридестиот Балкан, е влезот во Македонија, винската земја во која сонцето вечно сјае... Благодарение на сјајното сонце, македонските вина се на врвот на светската мапа на (не)откриени богатства, кои кријат вековна традиција, исполнета со незаборавни автентични вкусови и искуства.

Како земја на виното, Македонија има богата винска историја – истовремено и многу стара и многу млада. Можно ли е воопшто да се раскаже приказната за македонските вина? Многу е тешко да се преточи во зборови, можеби е подобро во стихови, но да се обидеме...

Историја на македонското вино

Македонската винска приказна има корени уште од 13 век пр. н.е. Старите Македонци правеле вино од грозје кое го одгледувале и го мешале со мед, бидејќи шеќерите помагале за да се сочува вкусот. Виното го чувале во амфори (земјени садови со тесно грло и дно), во кои налевале маслиново масло на врвот. Потоа амфорите ги закопувале во земја и на тој начин виното останувало ладно и зреело.

Филип и Александар Македонски биле познати како големи љубители на виното, кое било секојдневен еликсир за членовите на македонската кралска династија. Традицијата продолжува и за време на Римската Империја, кога Македонија останала еден од најзначајните региони за одгледување грозје. Римјаните биле одговорни за ширење на виновата лоза низ цела Европа. Тие верувале дека виното е извор на богатство и среќа. Историските факти зборуваат дека виното играло важна улога и за време на владеењето на Цар Самоил. Во периодот на продорот на христијанството на овие простори, значењето на оваа божествена напивка влегува во многу црковни церемонии. Се верувало дека виното ја преставува крвта Исусова. Пример е свадбената церемонија, која се задржала до денес, кога вино со леб и сол им се дава на невестата и на младоженецот. Со текот на времето виното навлегува и во македонскиот фолклор, прославите и собирите, како и во начинот на исхрана. За време на Отоманското Царство, кое траело до почетокот на 20 век, лозарството и производството на вино во Македонија згаснале, бидејќи овој пијалак бил забранет во согласност со исламските закони. Сепак, благодарение на христијанската црква и на ритуалите, продолжило правењето вино на овие простори.

 

 

Порастот на популарноста на виното во Македонија се совпаѓа со ренесансата на западните цивилизации. Како што трговијата со вино напредувала и се проширувала, така напредувал и се развивал и цивилизираниот свет. Многубројните археолошки пронајдоци докажуваат дека одгледувањето винско грозје и производството на вино е континуитет во македонската историја.

На почетокот на 20 век во Македонија виновата лоза зафаќала околу 30.000 хектари, кои до 1914 година биле целосно уништени од филоксерата (Phylloxera vastatrix), мал инсект што ги напаѓа коренот и листот на растението. Во 1928 Александар Караѓорѓевиќ, крал на СХС одлучил да засади лозје и да изгради винарница во Демир Капија, под името „Вила Марија“, посветена на неговата сопруга Марија. Имотот бил купен со парите што таа ги добила како мираз од своите родители. Во тоа време имало и други благородни фамилии кои произведувале грозје и вино.

По Втората светска војна, во времето на социјализмот, бурињата и опремата за производство на вино што биле во сопственост на различни фамилии, мали производители на вино, биле национализирани. Во Македонија биле основани 13 винарници, кои произведувале наливно вино. Постоеле и повеќе од 30.000 семејства што поседувале мали лозја, а грозјето го продавале на 13-те големи.

 

 

Додека Македонија била дел од Југославија, таа била главен производител на вино. Во 1980 години, производството изнесувало околу две третини од југословенското производство на вино. Порастот на површините под винова лоза го достигнале максимумот во 1981 година, кога во Македонија се регистрирани 38.759 хектари. По одвојувањето на Македонија од Југославија во 90-те години од минатиот век, почнува процесот на приватизација на старите винарници. Сепак, освен промената на сопственоста, многу од работите останале исти. Сите винарници продолжиле да произведуваат наливно вино во големи количества, но со низок квалитет и со ниски цени. Сепак, потенцијалот бил многу голем.

(Не)откриено поле за истражување

Иако Македонија има многу долга винска традиција, иако денешните полиња од Скопје, преку Велес, Неготино, Кавадарци и Демир Капија, па сè до Гевгелија, се ишарани со лозови насади, сепак се чини дека земјата е една од европските дестинации што крие уште многу вински тајни. Тајни што допрва се откриваат со секоја голтка.

Долината на вкусовите ја задоволува жедта на секој турист што ќе дојде да го вкуси најквалитетното македонско вино. Според една легенда, некогаш во Тиквешкиот Регион, имало повеќе вино отколку вода. Дури при изградбата на некои куќи во селата, наместо вода, за спојување на тулите се користело вино.

Во античка Македонија се одржувале т.н. „Денови на Дионис“ во чест на богот на виното. Секоја голтка македонско вино била совршенство дадено од боговите. Денес, лозарите за свој заштитник го имаат Св. Трифун, а 14 февруари е денот посветен на тој светец. Тиквешките лозари го одбележуваат со различни обичаи. Рано изутрината одат в црква, земаат светена вода, го попрскуваат лозјето и ритуално го закројуваат.

Во аромата и вкусот на виното, се откриваат и тајните на неоткриената Македонија. Земјата во која сонцето силно сјае 280 дена во годината. Почвата од која никнуваат елегантни вина, богати со предизвикувачки ноти на силни и единствени вкусови, исполнети со ароми и свежина.

 

 

Во срцето на Балканскиот Полуостров се произведуваат егзотични вина што нудат повеќе од вообичаениот вкус. Македонското девојче станушина е стара автохтона сорта на грозје, кое не вирее никаде на друго место на светот, освен во Тиквешкиот Регион. Целата приказна за Македонија може да се прераскаже преку оваа сорта, бидејќи таа постои овде уште од настанокот на Земјата. Тука може да се почувствува безвременоста и уживањето во моментот.

Македонските винарници ширум ги отвораат портите за сите гости што сакаат да научат нешто повеќе за историјата на виното, процесот на производство, синергијата на минатото со иднината, традицијата на мајсторлакот, за синтезата на умешноста со технологијата... Да украдат еден мал дел од бесмртноста со една голтка вино... Но, со една голтка од македонските вина, не може да се згасне жедта. Напротив, таа станува сè посилна...

Голтка од тероарот

Квалитетот на виното зависи од грозјето, опремата и од мајсторијата на винарот. Додека опремата може да се купи, а мајсторијата да се научи – климатските услови и тероарот, богат со карбонати и минерали, остануваат клучна точка. Овие услови во Македонија се исполнети и поради тоа произведеното грозје е со висок квалитет.

Интензивните ароми на македонските вина се резултат од комбинираното влијание на медитеранската и на континентална клима, кое се манифестира со топли летни денови и со посвежи ноќи. Продолжениот процес на созревање на грозјето овозможува богати бои и комплексни ароми на виното. Македонија има лозови насади со познатите модерни француски сорти на винско грозје (каберне совињон, мерло и шардоне), но и лозови насади со автохтони сорти грозје, како вранец (црвено), жилавка и темјаника (бело) и станушина (розе). Вранецот е најпозната и најодгледуваната сорта грозје во Македонија и претставува 80% од сите црвени вински сорти што се одгледуваат во земјава.

 

 

Македонија има 280 сончеви денови во годината. Тоа помага во долгиот процес на зреење, за концентрација на шеќерите и киселините во грозјето, овозможувајќи им богата боја и комплексни ароми во вината. Во Македонија постои еден лозарски реон, кој географски може да се подели во три вински региони:

  • Централен регион, односно Вардарска долина, со шест подрегиони/виногорја (Скопски, Велешки, Гевгелиско-валандовски, Струмичко-радовишки, Овчеполски и Тиквешки), кој опфаќа околу 83% од вкупното производство;
  • Источен регион, односно Пчиња – Осогово на исток до границата со Бугарија, со четири подрегиони/виногорја (Кумановски, Кратовски, Кочански и Пијанечки), кој опфаќа околу 4% од вкупното производство;
  • Западен регион, односно Пелагонија – Полог, околу Охридско Езеро на запад до границата со Албанија, со шест подрегиони/виногорја (Прилепски, Битолски, Преспански, Охридски, Крушевски и Тетовски), кој опфаќа 13% од производството.

 

 

Главни сорти што се одгледуваат се црвените: вранец, мерло, каберне совињон, пино ноар, кавадарка; белите: шардоне, белан, мускат, ризлинг, совињон бланк, семилон, смедеревка, ‘ркацетели, мускат отонел, темјаника, жилавка и розето – станушина.

Во семејството на Balkan Prime Tours

Во стремежот што поавтентично да ја раскаже приказната за македонското вино, Balkan Prime Tours не организира класични дегустации на македонските вина, туку во соработка со винарниците приредува винска едукација. Balkan Prime Tours верува во квалитетите на македонското вино и го става акцентот на автохтоните сорти, во комбинација со македонската храна. Приказна за вината што сè уште (ќе) се откриваат не би постоела без партнерите-професионалци од „Попова кула“, „Стоби“ и од „Тиквеш“.

 

 

  • Винарската визба „Попова кула“ и лозовите насади се лоцирани на јужната падина на Велико Брдо, западно од Демир Капија во близина на автопатот Е-75. Демиркаписката долина се наоѓа на југоисточниот дел од Тиквешкиот подрегион. Кралството на Александар Караѓорѓевиќ се протегало на територијата на денешните држави Македонија, Србија, Црна Гора, Босна, Хрватска и Словенија, вклучувајќи ги и брегот на Јадранското Море и Панонската Низина. Кралот имал бројни можности да избира локации за садење на лозовите насади низ целото кралство. Но, следејќи ги препораките на мудрите советници, тој донесува одлука и го избира микрорегонот на Демир Капија како идеална локација за своите лозови насади, на истото место каде денес е лоцирана „Попова кула“.
  • Винарницата „Стоби“ се наоѓа во централниот дел на Македонија, во најпознатото виногорје – Тиквешкото. На 80 километри од Скопје, сместена меѓу сонцето и непрегледните насади со винова лоза, се крие винарницата „Стоби“. Местото, укотвено крај митските реки Аксиос и Еригон, покрај кое некогаш чекореле римски легии, крстоносци, отомански освојувачи и армии од светските војни, денес е центар во кој се среќаваат Стариот и Новиот свет на виното. „Стоби“ е горд сведок на еволуцијата на винската традиција на овие простори – од кантароси за вино, во кое уживале жителите на Стоби, сè до модерните инокс-садови и софистицираните дабови буриња, во кои денес виното се произведува и зрее.
  • Почетоците на винарската визба „Тиквеш“ може да се најдат некаде кон крајот на 19 век, кога повеќе угледни семејства од Тиквешијата почнале да создаваат вински подруми, во кои се произведувале квалитетни вина во шишиња на чии етикети јасно се истакнува географското потекло на виното. Периодот се совпаѓа со падот на Отоманската Империја. Пане Велков, трговец, аристократ и земјопоседник, отворил винарска визба на површина од 1.200 квадратни метри. Првото спомнување на „Тиквеш“ во пишан документ се поврзува токму со овој период, поточно со 1885, која се смета и за година кога за првпат почнува организираното производство и продажба на вино во Македонија.

 

 

Виното и песната, лек на душата…

Приказната за македонското вино е приказна со безброј ликови, искуства, вкусови и тајни на рецептите што со векови се пренесуваат од генерација на генерација. Специфичноста на секое зрно грозје, со кое се гради и најголемата тајна на вкусовите на вината од Македонија, е земјата во која сонцето вечно сјае и бескрајната природна убавина.

Најдобриот начин да се запознаете со македонските вина е да бидете дел од винските тури. Турите овозможуваат посета на винарниците, но и дегустација на убавите вина. Секако ќе бидете понудени со традиционално јадење и со стихови за душа. Тој што еднаш ја видел Македонија, задолжително (ќе) го памети вкусот на вината од оваа земја.

Избор од извонреден спектар од рубин-црвени и златно-жолти нијанси, опојни мириси и ароми, проткаени со музика.

Виното и песната, лек на душата.

Кој песна пее, среќно живее.

Еднаш се живее, еднаш умира

времето минува, не се запира.

(Весели другари, Јонче Христовски)