Куратица: Планинското село каде локалците се уште го живеат минатото

Македонија во јануари е прекрасна. Предноста на ова земја е тоа што изобилува со многу планини, а каде што се планините таму се и планинските села. Ако барате каде да го доживеете спокојот во јануари, тогаш наш совет е да го посетите селото Куратица. Село со освежително опкружување и живописен амбиент.

 

 

Ние ве запознаваме со Горан, човекот кој е „виновен“ за добрата туристичка промоција на Куратица. Тој вели дека со силна верба во себе може да се направи многу.

Горан е жител на селото во кое живеат 200 жители. Ова бројка во текот на годината е многу поголема, бидејќи постојано доаѓаат туристи кои слушнале за селото. Ги привлекува надморската височина. 1.080 метри, храната и природата.

Горан на туристите во текот на летото им организира тури со магариња. Ова е незаборавно доживување за сите кои се заинтересирани за необични тури.

 

 

Она што е доста интересно е фактот дека за турите со магариња сораборуваат со сите кои имаат магаре во својот двор. Маграрињата се на селаните. Истите тие се користат за на дрва, за транспорт и секако за нашите тури за сите туристи кои се заинтересирани.

 

 

Турите се доста интересни. Со магарињата поминуваме преку старите куќи со автентична архитектура која им го привкелува окото на туристите. Овде се и старите жени кои љубопитно излегуваат на патот за да ги запознаат туристите. Честопати знаат да ги почастат со домашна храна, бесплатно и од срце.

Овие жени кои останале да живеат во селото, располагаат со многу стари работи кои се важни за проучување. Кога туристот доаѓа во селото него го интересира уникатноста. Доста важен е разбојот кој го поседуваат жените.

Горан вели дека Куратица има преубава природа. Планините кои се околу селото се многу значајни во истражувањето.

До селото може да се стигне доста лесно. Сместен на 20 километри североисточно од Охрид, или на пет километри северно од патот Охрид – Ресен. Во него има околу 150 куќи, основно училиште со околу 15 ученици, а главна дејност е сточарството.

 

 

Сточарството помага да се призведе вкусната домашна храна која им се сервира на туристите. Во самото село се наоѓа и етно ресторан во кој произведува домашен колбас, ѓомлезе на староседелски начин, фуранџискиот леб, питулици со вековна традиција и домашното вино.

Селото има и своја манифестација. Секоја година на 13-ти и 14-ти јануари се организира традиционалниот маскембал. На овој настан локалното население и туристите се облекуваат во саркастични одела, преправајќи се во јавни личности кои имале влијание изминатата година и преку саркастичен начин ги прикажуваат нивните дела. Карневалот е вековна традиција, последниве 20 години е издигнат на повисоко ниво.

Првиот ден, односно на 13-ти јануари, сите маски тргнуваат низ селото и од куќа во куќа собираат дарови. Се смета дека преку ваквиот ритуал, тие го бркаат ѓаволот од домовите на луѓето.

Вториот ден е главното дефиле и веселбата на сретсело каде локалното население ги избира трите најдобри маски. На забавата се приготвува домашна храна и пиење.

 

 

Ваквиот настан секоја година привлекува се повеќе туристи.