Кога вербата колку едно зрно просо дава огромна сила

Луѓето што умееле да направат некој корисен предмет од парче дрво, некогаш биле нарекувале дрводелци. Тие макотрпно работеле на парчињата дрво, создавајќи од нив извонредни рачно изработени предмети. Со текот на времето, од занает, дрворезот еволуира во уметност, која успева парчето необработено дрво да го претвори во вистинска поезија на обликот. Луѓето што имале дарба и трпение го довеле копаничарството или дрворезот до совршенство. Уметност, во која целосно е внесена душата на тој што резбари, традицијата на народот на кој му припаѓа и духот на времето во кое создава.

Македонија и денес претставува богата ризница со споменици изработени во резба, и покрај големите грабежи, уништувања и разурнувања низ вековите. Патописците што поминувале низ Македонија забележале дека наголемо се изнесувале икони, стари ракописи, книги, царски двери во резба... Сето тоа е неповратно, но, сепак, Македонија е богата со резбарски дела создавани  низ вековите, а традицијата продолжува и денес... Во потрага по апологетите на традицијата, стигнавме до домот на семејството копаничари Милеви во Кавадарци, а од мајсторот Марјан ја слушнавме приказната.

Во потрага по нешто...

Марјан е роден на 24 март 1964 година, во Кавадарци. По татко од Кавадарци и мајка од Тресонче, Лазарополе. Татко му бил столар, тишлер. Уште од најрано детство малиот Марјан му помагал на татка си при изработката на многу предмети од дрво – плакари, креденци, шифоњери, столчиња, маси итн.

Од страната на мајка ми, според кажувањата на постарите луѓе од Лазарополе, мој прадедо е Ѓурчин Кокале (1775-1863), еден од првите македонски преродбеници и општественици. Тој ја создал првата школа во 1861 година, каде што сите од Лазарополен се школувале. Бил кнез и заштитник на христијаните, а голема негова заслуга е што на голем број исламизирани христијани, пак им ја вратил христовата вера. Меѓудругото, го помагал и сликарството. Според кажувањата на постарите, и други од предците на нашиот соговорник се занимавале со фрескоживопис и резба во дрво. Мојот дедо Ѓорѓи (татко на мајка ми) бил ѕидар, еден од најдобрите во Тресонче, кој работел и на Кнез Михајлова во Белград, а работел и со дрво. Поради војната и опасноста од балистите морал да пребега во Кавадарци. Татко ми е меѓу првите столари во Кавадарци. Уште како дете знаев да работам со глета и со машини, раскажува Марјан.

Првиот негов допир со резбата бил некаде во 1990 година:

Тогаш се реставрираше манастирот „Св. Спас“ на ридот Љyбaш над Кавадарци. Спроти „Фени“, кога се оди кон Росоман од лева страна, манастирот се гледа. Не знаев дека Св. Спас е Исус Христос кога воскреснал, спасение на луѓето... Кога побарав да си купам икона за здравје, среќа и бериќет во мојот дом, ми побараа пари, кои во тој момент ги немав. Тогаш го нацртав ликот на Исус Христос и го подарив во манастирот, се сеќава Марјан.

Тој признава дека и претходно многу добро цртал. Бидејќи, како што вели, ако не знаеш да црташ, не можеш ни да резбариш.

Резбарите што ја научиле техниката, а не знаат да цртаат, тие се слаби. Обично, ќе земеме еден линијар, ќе го ставиме на делото, а тоа целото е рамно. Значи, нема длабочина, делото не дише. Постојано велам, ако сакаш да бидеш резбар, види си го носот, тој е најиспакнат, па устата, па другите делови... Така се ориентираме, а и се оценуваме дали сме квалитетни или не.

Се враќаме малку наназад во разговорот. Во периодот пред да почне да резбари, Марјан имал некои, како што слушнал од постарите, виденија со лик на светец со бела брада. Светецот му зборувал додека тој лежи во некој храм, со под од делкани и наредени камења. Најпрвин му зборувал полека, а потоа сè погласно и погласно, до момент кога му вика и тој се буди:

Сето тоа се случува од 23 до 1 часот по полноќ, речиси секој ден, во период од една до две години. Според кажувањата на постарите, ќе однесев масло, маица, крпа... некое дарче во црква. Но, сонот секогаш се повторуваше.

Во тоа време Марјан како инженер за заштита од пожари и стручно лице за безбедност при работа, работел во винарската визба „Тиквеш“.

Во тие рани 90-ти години од минатиот век, како и денес, за Водици се организираше фрлање на крстот во градскиот базен. На 11 јануари, додека бев на работа, од директорот Панче Филипов побарав да си одам дома. Тој ме праша: Зошто? Не знаев што да му одговорам. Ме пушти.

Тргнал накај дома и кога влегол во неговиот дом, го видел попот од црквата „Св. Димитрија“ од Кавадарци како ја држи насликаната икона в раце и прашува кој ја направил. Му рекол дека тоа е тој.  Попот го прашал дали може да направи крст што ќе се фрла во базенот. Марјан потврдил, но одговорил дека не знае како изгледа крстот.

Секој ден минував покрај црквата, но не знаев точно како изгледа крстот. Некои се прави, други заоблени, има разлика меѓу православниот и католичкиот крст... Дотогаш не бев некој верник, не одев во црква, дури ниту со жената Мина не бевме венчани в црква. Титови ученици...

Побарал да види како изгледа крстот, па потоа попот го однел в црква и му покажал еден крст од гипс со ликот на Исус. Попот мислел само на обичен крст.

Се вратив на работа и од директорот побарав да ми даде слободни денови, не му кажав за што, бидејќи ми беше срам. Ми даде слободни денови и почнав со подготовката за изработка на крстот за „Св. Димитрија“. Од почетокот до крајот на изработката ми беа потребни три дена и три ноќи.

Воопшто не спиел, што до денес не може да ја објасни таа внатрешна сила. Со три глета го изработил крстот и ноќта кога според обичаите се осветува, го однел во црква.

Сонот што ме измачуваше подолго време исчезна, а јас станав верник со чисто срце и полн со вера, љубов и надеж, но и со голема благодарност што сум жив и здрав.

Вечерта Марјан спиел мирно и оттогаш сознал дека покрај него е Господ. Го изгубил стравот од смртта и од сè друго.

Имам таква сила во мене, што многу луѓе мислат дека сум наивен. Наивноста нема врска со добрината. Сфатив дека целта не е дали си религиозен... Далеку од тоа, сите одиме во црква, се прекрстуваме... Важно е да имаш верба, да веруваш во нешто дека те чува. Тоа е многу убаво чувство. Затоа и почнав да резбарам. Едноставно само мавам и додека резбарам, цело време си ја кажувам молитвата. Не ни гледам што правам. Луѓето не ми веруваат. Едноставно не гледам, не можам да им објаснам дека не гледам, само ме води некоја сила.

Повторно се враќаме малку наназад... Марјан се потрудил да го изрезбари ликот на Исус Христос и успеал, тоа е неговата прва икона.

Еден ден дошол дедото на боксерот Аце Русевски и му ја нарачал Тајната вечера. Марјан, кој дотогаш имал направено само плитка резба на Исус Христос, се соочил со голем предизвик, наречен Тајната вечера.

А, нам ни требаше граѓа, немавме пари за граѓа, што ни беше потребна за другите столарски работи. Дедото на Аце ми вели: Нема проблем, ќе ја набавиме. За два месеца ја направив Тајната вечера, а тој радосен. Бевме договорени два кубика, а тој ни донесе шест. И така дојдовме до граѓа за столарски работи, а тој си ја доби иконата.

Марјан ни раскажа уште една случка... Еден негов пријател, машински инженер, чии деца дипломирале енологија во Бугарија, сакал да да им подари нешто на професорите од благодарност.

Седиме тука на тераса со него до 11 часот вечерта, а тој требаше да тргне утредента во 7 часот наутро за Бугарија. Му ветив дека дотогаш ќе му направам две икони со Богородица. Пред договореното време бев кај него пред куќа, и му велам: Блажо, ти ги носам иконите – уште мирисаат на лак, но готови се.

Се ределе многу други нарачки од икони и други резби. Најбројни биле иконите, кои Марјан ги работел во еден здив. Тоа биле најчесто подароци за пријатели и блиски познаници, христијани, кои веруваат дека иконата, односно светецот, ќе им биде чувар за среќа, здравје и бериќет во домовите.

Според Марјан, подарувањето икони на луѓе и пријатели им помага да си го најдат душевниот мир и благослов, а со тоа и тој самиот станува душевно побогат и посреќен, затоа што добива нови пријатели:

Ако му подариш нешто на човек и знаеш дека е среќен поради тоа, нели е убаво? Тоа мене ме прави среќен. Секој пријател е дар од бога и треба да се чува и негува. Колку повеќе пријатели имаш, толку си побогат и посреќен во овој еден живот дарен од Бога.

Инспирацијата и желбата за резба во дрво, кај Марјан се продлабочила по неговото одење во црквата „Св. Спас“ во Скопје, каде едноставно, како што вели, го однела некоја внатрешна сила.

Откако ја видов внатрешноста на храмот божји, одеднаш се просветлив. Видението на сон – беше овде, камењата на кои лежев, целата резба што ја гледав во моите виденија... беше овде. Чудо! А, дотогаш не ни знаев каде е „Св. Спас“.

Оттогаш, знаел дека неговиот повик е резбата, најчесто со верски мотиви. Во црквата го запознал и неговиот драг пријател, веќе покоен, Соколе, еден од доајените за реставрација на стари резби во Македонија.

За Соколе велеле дека е најнепристапен човек. Во црквата Марјан стоел странично и го гледал. Оддеднаш Соколе ѝ нарачал на Перса Билинска, кустос во „Св.Спас“, да свари две кафиња и да донесе по една ракија, за момчето и за него.

Ми се приближи и ме праша што сакам, му одговорив: Ништо... Ми вели дека досега многумина барале од него да ги научи да резбарат, а јас ништо не прашувам... Ми вели: Ти ќе научиш!

Марјан верува дека тоа е некаква необјаснета сила што ги зближува луѓето во таа бранша:

Тоа не ми се има случено само мене, туку и на многу други луѓе, што ги натерало да стекнат верба само колку едно зрно просо... За да ги води напред...

Од Соколе добил три глета што ги чува како спомен..., но и една голема лекција – дека целата сила и резба е во носот.

Зошто носот? Затоа што е најиспакнат и од него почнува длабењето и се оди во длабочина. Со тоа Соколе сè ми кажа. Ако тоа се разбере, другото сè е едноставно.

Длабоко во дрвото

Според Марјан, дрворезот е душата на тој што го работи и е повеќе уметност, отколку занает:

Занаетчијата гледа само да го задоволи муштеријата и да му го продаде тоа што го направил. Гледајќи се себеси, многу тешко се одделувам од моите дела, бидејќи во секое од нив е внесен и еден дел од мојата душа.

Низ 30-годишното искуство со резба, Марјан стекнал и квалитет и брзина, но како што вели, во ова време на модерен начин на живеење, човек не може да се потпре само на резбата како уметност за да остане.

Како занаетчија имам нарачки и правам за едни, за други... Тоа е занаетчиство. Резбата ми дава мир. Додека резбарам цело време си ја кажувам молитвата и се исклучувам од сè друго. Ја внесувам мојата душа во сето тоа. Ме одмора, исполнува и ми дава живот. Тоа е уметност. Не може резбата да биде занает.

Најчесто резбите на Марјан се во ореово дрво, но има изработено и резби во бука, планински јавор, борово дрво, круша, чокот (пенушка) од стари лозови насади и др. Тој открива дека полесно се работи ако дрвото е тврдо:

Ако е меко, се цепи и не може да го изработиш. Добра е дивата круша, добар е и планинскиот јавор, но е потежок. По светот има многу други квалитетни дрва – дабема, махагони... Сепак, најдобро е ореовото дрво, кое трае околу 2.000 години. Неговото влакно држи, не се кине и не се расцепува.

Дрвото го приготвува на столарски машини – го лепи и ја обликува формата што сака да ја добие. Откако ќе го обликува, почнува да резбари со најразлични глета што ги има во голем број.

Со текот на времето Марјан станал незадоволен од начинот на резбата и од нејзината длабочина, која дотогаш била од 1 до 2 сантиметри. Почнал да оди во длабочина:

Ќе изрезбарев до длабочина од 1-2 сантиметри, па ќе го преправев делото навлегувајќи до 5-6 сантиметри... Почнав да барам пластичност во делата, да биде што е можно послично на тоа што сакам да го правам, а со поголема длабочина се добива и поголема пластичност.

Почнал и со скрозирана резба, па најпосле и со изработка на фигури во сите димензии. Минатата година го направил и Тројанскиот коњ, висок 1,7 и долг 1,4 метри. На него работел околу 6 месеци, го ковал штичка по штичка, тенки колку нокотот. Искористил 4 килограми боцки, односно околу 40.000 боцки.

Кога резба икони, Марјан ги претставува автентично. Сепак додатоците околу ликот на светецот во најголемиот број случаи се негови. Најчесто грозд, ластар од винова лоза, лист, мотиви од дабово дрво, птици и сл. Освен резба, како што беше спомнато и претходно, тој изработува и многу други столарски работи (кујни, маси, плакари, врати, прозорци, огради за скали и скалници, кревети...), сувенири, сталажи и кутии за вино за различни винарници, винотеки и ресторани, меѓу кои се „Тиквеш“, „Идадија“, „Воденица“...

Тој не знае колку дела има направено досега. Не бележел.

Тука се измешани занаетчиските и делата во резба. Многупати, дела што сум ги правел од порано, не можам да ги препознам и се чудам дали се од мене. Чудна работа! Некогаш со жената на телевизија ќе видиме некое наше дело...

Го прашувале зошто не става потпис.

Па јас ставам специфична резба, а таа вреди многу повеќе од потписот!

За круна на досегашната работа Марјан ја смета изработката на дел од иконостасот на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Лазарополе, а тоа се царските двери и порталот над нив.

Некако исконски е човек да го привлекува местото од каде што потекнува...

На празникот Илинден во 2011 година семејството Милеви отишле во Лазарополе, на гости кај роднини. Ја посетиле и црквата „Св. Ѓорѓија“, во која ќерката Ангела се сликала пред царските двери и на повеќе други места. По две години, во 2013 година, се случува големиот гражеж и опустошувањето на црквата, како дел од серијата кражби по светите храмови низ цела Македонија.

Ги украдоа царските двери, највредните икони од Дичо Зограф... Внатре кршеле тронови, нозе, столчиња... што ќе стигнеле. Сè искршиле и испокрале. Одам следната година и кога што ќе видам – црквата празна и опустошена. Др. Блаже Смилевски ме праша дали можам да го направам горниот дел од иконостасот, каков било. Му одговорив дека ќе го направим ист таков каков што беше.

Иако резбата била многу длабока, Марјан ја пронашол сликата со Ангела од пред неколку години, ја зумирал, испечатил и направил репродукција на делот од иконостасот што недостигал. Од годинава тој е и наместен во црквата.

За делото што сака да го направи, а не го направил досега, Марјан вели:

Има многу такви работи. Велат дека сè додека човек има желба да направи нешто што му е при срце, а не го направил, сè дотогаш ќе живее. Имам толку многу дела за правење, што не знам дали ќе ми биде доволен овој живот. Едно од нив е столче-клацкалка, целото во резба, изработено според мој дизајн. На него ќе се клацкам и ќе одморам...

Тој за клацкалката размислува веќе подолго време, дури има и направено и преса специјално за таа намена. Ќе биде сместена во малата викендичка, која ја ѕида самиот, на најширокиот дел покрај Тиквешко Езеро.

Во семејството на Balkan Prime Tours

Семејството копаничари Милеви го сочинуваат Марјан, сопругата Мина и децата Ангела и Горан. Како што спомнавме и во воведот, Марјан е само мајсторот.

И Мина научила да резбари и во плитката резба веќе го надминала учителот.

Си го има тој уметнички ген во себе од таткто и од чичкото. Од чичко ѝ Иван Сулев, на времето Тито земал слики. Од капка солза правел ликови, тоа пак да го видите! Мина има толку осет да даде пластичност преку плитката резба, што и самиот не можам. Многу сум горд што и таа го засака овој занает и што сме заедно во сето ова...

Полека, полека, умeтноста им ја пренесуваат и на децата. Горан е навлезен во една друга уметничка област – графички дизајн и повеќе верува во науката.

Ангела, која работи во Balkan Prime Tours, e вредна, прониклива и полна со љубов. Се надевам дека еден ден ќе биде достојна наследничка на резбата што ја создавам и што сакам да ја оставам во наследство на моето поколение.

Влатко е внук на сопружниците, дете на прва братучетка на Мина. По долгите разговори со семејството и со Влатко околу развојот на туризмот во Македонија, се родила идејата Милеви да ги отворат вратите од својот дом и за туристите.

Зборувавме за аномалиите при организацијата, спроведувањето и имплементирањето на нашата традиција преку обичаите, занаетите со специфични карактеристики, начинот на живеење и разбирањето на животот. Се појави една искра надеж, која се преточи во една хармонија и организирање на дејности и активности заедно со Balkan Prime Tours како двигател и организатор на сето ова, на чело со Влатко. Да има макар уште едно стотина млади како него, Македонија ќе ја биде,

истакнува Марјан и додава дека внукот го освоил со ентузијазмот за развој на Македонија за многу туристи да ја запознаат, некои за првпат и однатре во најдобро можно светло.

На таа иницијатива, горниот дел од куќата е приспособен и направен е простор за изложување на делата. Таму се пречекуваат гостите, а има и посебен дел – работилница.

Откако ќе бидат најавени гостите, во домашното ателје на Милеви почнува возбудата и подготовките за пречекот. Марјан признава дека нему не му е потребно време за подготовка, за ралика од сопругата:

Ха,ха,ха. Нејзе ѝ треба повеќе време, бидејќи таа се грижи за секој детаљ околу храната, пијалаците, средувањето на просторот... Се разбира, заедно со Ангела.

Гостите се пречекуваат со добредојде, со некои од специјалитетите што ги приготвува Мина. Потоа ги разгледуваат делата што се изложени. Има и парче дрво, на кое можат да го пробаат копаничарскиот занает. Најпрвин Марјан им презентира како тоа се прави, па потоа со негова помош и тие се обидуваат.

Имаше еден Французин со потекло од Полска, кој не сакаше да им го даде глетото на другите да пробаат. Морав да го замолам...

Гостите се најмногу фасцинирани од приказната за подготовката на дрвото, колку треба да биде старо, како се одбере, изборот на мотивот што ќе се резбари...

Откако ќе им ги презентираме делата на гостите, за крај куќата чести за најсреќниот гостин, кој добива скромен подарок од домот во кој донел среќа.

Туристите, пред сè, се воодушевени од македонскиот народ – добродушен, срдечен, мил. Народ со богато културно наследство и традиционални обичаи, дејности и занаети што се веќе во изумирање.

Македонскиот народ е подготвен да го прими секој што сака да биде дел од неговата приказна. Секој гостин за спомен добива еден мал, но вреден сувенир, а тоа е срцето на секој Македонец преку автентичен изворен сувенир.

Сувенирот е медалјонче од црешово дрво со гранче од винова лоза, на кое пишува:

Ова е гранче од винова лоза од сортата кратошија, една од најстарите вински лози на светот.

Тоа гранче е закачено на црвена врвка со традиционална плетка.

Тоа сувенирче е дел од Македонија, дел од мојата душа што ќе ја понесат и рашират низ цел свет. Со тоа ќе бидам побогат, погорд и посреќен поради тоа што сум дел од нешто благородно и свето.

Семејството Милеви отсекогаш сакале гости и биле среќни кога доаѓаат.

Откако почнаа да доаѓаат туристите, почнав да го учам англискиот јазик за да можам подобро да ги разберам и да им ја пренесам непосредно мојата душа и знаење за тоа што сум го одбрал како животен пат.

Милеви се исполнети кога гледаат дека многу од гостите, кои не ни знаеле за Македонија или само чуле, ќе запознаат однатре кои се Македонците вистински: мал, гостољубив и дружељубив народ. Народ со големо срце.