Која е Илина Арсова? ( Раскажи ни за себе )
Не знам од каде да почнам. Всушност пишувам цела книга за тоа која сум и наскоро ќе може да прочитате. Накратко јас сум Илина Арсова, ќерка на Гоце и Милена, сестра на Борјана. Внука на револуционери, борци, просветители.
Од каде желбата за туризмот и планинарството и како сето тоа го поврза со јазиците?
Туризмот го најдов како врска меѓу природните и културни вредности на нашата земја, кои подеднакво ги почитувам. Јазиците беа алатка за комуникација со светот кој уште од мала сакав да го пропатувам. Уште како многу мала мајка ми ми велеше: Учи јазици, светот е твој! Во мојата фамилија има доста филолози па така и јас, по дипломирање на ликовна уметност, магистрирав "Јазици, бизнис и меѓународна трговија." Благодарение на зборовите на мајка ми денес можам да се пофалам дека зборувам 6 светски јазици, комуницирам на 10, имам патувано во 50-тина земји и работено во половината од нив.
Ти си првата жена на Балканот која искачила 7 највисоки врвови на 7 континенти. Раскажи ни нешто повеќе околу тоа.
И тука има доста за раскажување па затоа ја напишав првата книга "Планинарење", која читателите може да ја купат во градските книжари: литература.мк, три, или-или. Накусо 7-те врвови ги претставуваат највисоките врвови на секој од 7-те континенти, кои требаше да ги искачам за да се вбројам меѓу 70 жени на светот кои го постигнале овој предизвик и со тоа да го подигнам нивото на женското планинарење на нашите простори.
После твоите разновидни искуства се решаваш и за сликарство. Како дојде до таа идеја?
Сликарството е мојата првична професија. Значи одговорот е дека "после целото сликарство се решавам и за други работи". Сите други разновидни искуства се наталожуваат и калемат во непосредна врска со умерноста.
Твојата поврзаност со Балкан Прајм Турс и кои се твоите наредни проекти?
Имам интересно искуство со Балкан Прајм во последниве неколку години. Како туристички водич веќе 15 години, со огромна љубов ги споделувам убавините на нашата земја со домашните и странски гости. Сега имам и многу други обврски кои ги управувам, па времето ми е бесценето и добро одбирам со кого да го споделам. Затоа одбирам да работам само со одредени компании. Балкан приме е една од малкуте, бидејќи искрено да ви кажам во последно време сакам повеќе да се посветам на некои лични проекти.
Што мислат и што велат странските туристи за планините во Македонија?
Остануваат без збор, истовремено воодушевени од природните убавини и вџашени од негрижата кон природата, отпадот и екстремно ниското еколошко ниво во земјава.
Раскажи ни една интересна случка со странски туристи која ќе ја паметиш.
Најинтересно ми што некои од туристите толку се поврзуваат со мене што ден денес остануваат во контакт. Такви имам уште од првите тури и почетоците како водич во 2003 година кога активниот туризам во земјава штотуку земаше подем.