Кај Даниела Крстевска која изработува природен сапун со билки од недопрените предели кај Пехчево

извор на фотографија: Програма за зачувување на природата во Македонија
Даниела Крстевска е трета генерација во семејството која се занимава со домашно производство на сапун, кој сега се продава под брендот „Мојот сапун“. Во нејзината работилница во Пехчево има калапи сапун стари и по две децении кои сведочат за долгата семејна традиција. Таму, покрај старите дрвени предмети што некогаш ги користеле, сега стојат и модерни алатки со кои се обработуваат и сечат сапуните. Секој продукт на „Мојот сапун“ е направен од природни состојки, а најголемиот дел од растенијата се набрани во чистите предели на Малешевијата.

 

Иновативност имаше можност да ја посети Даниела во нејзината работилница во Пехчево. Нејзина и желба на нејзиното семејство е „Мојот сапун“ да биде достапен за секого, а луѓето да можат во секое време да си дозволат и да си набават природни продукти, бидејќи тие се добри и за нивното здравје и за нашата околина.

 

Новинар- Сања Наумовска

 

Даниела, кажете ни нешто за вашата семејна традиција за производство на сапуни?

Во нашето семејство сапуни изработувале и мојата баба и мојата мајка која е хемиски инженер. Јас сум третата генерација која ја наследува оваа традиција. Сите сапуни од работилницата на Мојот сапун се рачно изработени, без употреба на хемиски сустанци и се многу пријатни, ја чистат и ја хранат кожата заради што можат да ги користат и луѓе кои имаат и многу осетлива кожа.

извор на фотографија: Програма за зачувување на природата во Македонија

Од неодамна соработуваме со Швајцарската програма за зачувување на природата во Северна Македонија од каде ни помогнаа да ја опремиме работилницата со помодерни алатки за сечење на сапуните. Благодарение на тоа сега можеме да работиме побрзо, полесно и поефикасно, а сапуните изгледаат подекоративно. Покрај сапуните правиме и природен деодорант крем, што не содржи хемиски и други штетни материи и не го спречува потењето, но го неутралузира лошиот мирис. Направен е од природни состојки, со додаток на етерично масло од лаванда и чајно дрво.

 

 

Какви материјали користите за изработка на сапуните?

 

Во сапуните ставаме коприва, невен, кантарион, бела рада и други билки кои ги береме сами во чистите предели околу Пехчево. Во сапуните се користат и масла од кантарион и бела рада, во кои претходно се екстрахираат билките, кои исто така самите ги изработуваме. Во некои од сапуните комбинираме и кафе, мед, козјо млеко, зеолит…

Во асортиманот има и сапуни кои се изработуваат и со многу други состојки како што се какао, лаванда, кокос, црвен пипер, разни масла и путери кои се набавуваат од увоз, како маслиново, палмино масло од чајно дрво, лимонска трева, пачули и гераниум…

 

Секако, ја одржуваме и традицијата на изработка на сапуни со свинска маст, кои традиционално се користеле во македонските домаќинства со векови наназад, за лична хигиена, но и за перење на облеката. Во нашата работилница имаме сапуни со свинска маст кои се стари и над две децении, кои се сведоци за нашата традиција.

 

Како сапуните доаѓаат до вашите купувачи?

 

Сапуните од работилницата на „Мојот сапун“ може да се купат директно кај нас или пак да се нарачаат од нашите профили на социјалните медиуми. Исто така се трудиме секогаш да сме присутни на сите базари на рачни изработки, етно саеми и други манифестации.

Балкан Прајм Турс неодамна нè вклучија во Програмата за развој на туризмот во источниот регион, бевме дел и од саем во Шпанија, благодарение на што добивме нарачки и надвор од земјата. Нашата идеја не е луѓето само да дојдат и да купат сапун, туку и да го научат процесот на изработка и да се запознаат со традицијата. Заради тоа, работиме и на организирање работилници за семејства, бидејќи опремата која ја користиме е безбедна и за децата.

 

Кои се планови за Мој Сапун за во иднина?

Гледаме дека купувачите многу сакаат рачни изработки и природни продукти, што ни дава поттик и понатаму да се развиваме и да го зголемуваме асортиманот на призводи. Сапуните кои се со интересни форми се многу привлечни, па така планираме да додаваме нови и нови калапи и да задоволиме сечиј вкус. Нашата желба и една од целите кон која се стремиме е „Мојот сапун“ да биде достапен за секого, луѓето да можат во секое време да си дозволат и да си набават природни продукти, бидејќи тие се добри и за нивното здравје и за нашата околина.

 

извор на фотографија: Програма за зачувување на природата во Македонија

Текстот е преземен од Иновативност мк, автор Сања Наумовска